Press "Enter" to skip to content

Проректор Ѓуровски: Универзитетите тешко доаѓаат до средства за научни истражувања

Денеска на Техничкиот факултет при Универзитетот “Св.Климент Охридски“ во Битола по повод Светскиот ден на науката, свечено беше отворена организира Втора факултетска студентска конференција и Прва универзитетска студентска конференција ТЕХНИКАТА И УРБАНИОТ РАЗВОЈ, на тема “Технологијата и општествениот развој низ аголот на студентите“.

На конференцијата студентите од факултетските единици при Универзитетот “Св. Климент Охридски“-  Битола, нивните професори и стручни соработници од производствените капацитети ќе ги разменат своите знаења, научни истражувања и долгогодишни искуства во решавање на глобалните проблеми во урбаното општество.

„Истражувањето и науката не се високо рангирани во приоритетите на државата. Буџетот кој се издвојува за истражување и развој, изразен како процент од бруто домашниот производ (БДП) изнесува под 0,4%, што е минимален процент споредено со буџетот кој се издвојува во земји со слични карактеристики како нашата, како што е на пример Словенија, каде издвојувањата за таа намена се околу 2,4%. Да не ги земаме предвид високо развиените земји кои силно се потпираат на науката и истражувањето во нивниот севкупен развој, кај кои издвојувањата се над 3% (Израел, Шведска, Финска…)„ нагласи во своето обраќање проректорот на УКЛО професорот Марјан Ѓуровски.

Тој оцени дека Универзитетите и факултетите тешко доаѓаат до средства за свои истражувања. “Универзитетите во нашата држава се главно државни и согласно тоа е јасно дека средствата добиени од државата се недоволни за некаква сериозна истражувачка работа. Улогата на државата во истражувањето и науката е јасна и таа е слаба„ меѓу другото рече проректорот Ѓуровски.

Темата високо образование, научно истражувачка работа, техничко-технолошки развој конечно треба да станат доминантни и клучни теми во јавната дебата бидејќи тоа е единствената сфера која влијае на сите други сегменти во општеството, смета Ѓуровски. Според него високото образование во изминатиот период ги преживува сите негативни тенденции во македонското општество.  Зошто постои демотивација кај студентите и професорскиот кадар сите треба да работиме на надминување на оваа состојба, оцени во своето обраќање пред студентите проректорот Ѓуровски. 

На студентската конференција останатите соговорници нагласија дека денес потребно е да се промени перцепцијата за важноста на науката во општеството што се прави и преку одржувањето на вакви конференции, нејзината применливост, да се доближи универзитетот до младите, а младите да се мотивираат да имаат свои проекти, трудови, настапи како оратори кои преку споделувањето на научно-популарни говори ќе ја имплементираат науката во секојдневниот живот во кој особено место зазема технолошкиот развој.Главна цел на науката во овој век ќе биде не како подобро да живееме, туку како да преживееме. На крајот се заклучи дека новиот економски концепт го нагласува знаењето како неопходност и дека едукацијата на студентите треба да биде насочена кон стекнување вештини за „глобално работно место“, вклучувајќи го работното место каде било во светот.