Press "Enter" to skip to content

Прес на Методија Илиевски по изборот за Илиевска за претседател на Советот

По изборот на Габриела Илиевска прес конференција одржа Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во новиот Совет на Опптина Битола на која рече:

-На првата седница на новиот Совет на Општина Битола ВМРО – ДПМНЕ и Поинаку ја официјализираа својата коалиција. Со тоа се потврдија и сомнежите за предизборна соработка на иницијативата која се претставуваше како независна и граѓанска со старото, режимско ДПМНЕ што ја пустошеше Битола цели 12 години. Провмровската иницијатива Поинаку ја отфрли понудата за соработка со СДСМ и коалиционите партнери и со гласовите на ДПМНЕ и Левица доби претседателска функција во битолскиот Совет. Оние што до вчера се колнеа во интересите на битолчани, денес се продадоа за фотелја. 

Што им вети ВМРО – ДПМНЕ на тројцата советници од Поинаку за да ги добие нивните гласови? Што ветија советниците од Поинаку кај ВМРО – ДПМНЕ за да добијат претседател во Советот? Нека не поштедат од тврдењето дека се залагаат за проекти во интерес на граѓаните. Тоа се приказни за мали деца во кои од денес веќе никој не верува.  Дали сите кандидати за советници од листата на Поинаку се согласуваат со чекорот на тројцата советници во Советот и коалицијата со ВМРО – ДПМНЕ и Левица?

СДСМ и коалицијата изминатите четири години ја вратија Битола од мртвите. Исплативме долгови, изградивме улици и детски катчиња, обновивме спортски сали, игралишта, го реконструиравме Офицерски и битолската куглана…Советничката група на СДСМ и коалицијата ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните. За доброто на битолчани нема да прави компромиси со ВМРО – ДПМНЕ, со крајнодесничарската Левица или со било какви граѓански иницијативи кои како што се покажа денес, ги интересира единствено власт и фотелја, без разлика со чија поддршка ќе го реализираат тоа.