Интимен Театар од Битола ја продолжува својата поредица од документарни претстави, во коишто играат жени што зборуваат за своите животи, а во исто време го користат театарот како алатка за подигање на квалитетот на нивното секојдневно живеење.
-Нашиот театар, Интимен театар од Битола, овај пат ја отвори својата сцена за три прекрасни жени коишто се поврзани помеѓу себе со две важни теми, и тоа пензионирањето од една, и ракот на дојка од друга страна. Нивната храброст да зборуваат дирекно и отворено за важни за нив теми и проблеми е фасцинантна, а нивната желба за живот е охрабрувачка и мотивирачка. Оваа сабота (20 ноември) во 21 часот, и вторник (23 ноември) во 20 часот, ќе се изиграат премиерата и првата реприза на претставата “ЖЕНИ“, работена по документарни материјали, вели Софија Ристевска Петрушева, режисер на претставата.
Во претставата учествуваат Катерина Петровска, Јоланта Дафовска, Јасмина Костандинова и Валентин Дамчевски.
-Отварање на ваков тип на платформи, што нудат учество и на локалното население во современиот театар, се многу актуелни во Европа во овај момент, затоашто даваат шанса за изразување на мислења и од страна на обичниот граѓанин, даваат можност за отварање на многу важни дискусии на конкретни теми, а од друга страна театарот се користи како полезна алатка за зголемување на квалитетот на живот, на секој што учествува во неговото создавање, додава Софија Ристевска Петрушева.
Интимен Театар е местото во град Битола што дава можност за артистично изразување како на уметниците, така и на граѓаните од нашата локална заедница.