Press "Enter" to skip to content

Ракометарките на Феникс со оптимизам влегуваат во градското дерби

Денес во Битола, во 13 часот,ќе се игра градското ракометно дерби,  а ракометарките на Феникс се оптимисти пред натпреварот против Пелистер.

Ена Пашиќ, ракометарка на РК Феникс АМС вели:

-Градското дерби е голем предизвик за сите ракометарки. Минатата недела добро работевме и се подготвивме за овој натпревар и целиме кон победа. Скоро комплетни сме да го дадеме максимумот. Како млад и амбициозен клуб сметам дека единствено ни недостига искуство и секој натпревар растеме и напредуваме. Не очајуваме за пропуштените шанси и со нетрпение ги очекуваме следните предизвици. Се стремиме да играме брз ракомет. На претходните натпревари имавме многу промашувања и тоа е главната причина што натпреварите не завршија во наша полза. Сепак, работиме на подобрување и работиме да ги остраниме недостатоците и ќе ги оствариме целите. Повеќето екипи во нашата група играат сличен, бавен ракомет. Има некои екипи кои се издвојуваат, но сега ги запознавме сите наши противници, па ќе бидеме подобри при наредните натпревари. Имаме и добри и лоши страни што сме најмлад тим во лигата, но се бориме, даваме максимум и само ќе напредуваме.

Елена Анчевска, ракометарка на РК Феникс АМС:

-Иако го загубивме претходниот натпревар против ЖРК Пелистер, не се откажуваме и се подготвуваме на тренинзите. Имаме добар тимски дух и верувам дека ќе ги надминеме проблемите од првиот натпревар. Против Шампион промашивме многу чисти шутеви, но тука улога има и тремата и возбудата при играта. Мислам дека ниедна екипа со која игравме не покажа дека е на многу поголемо ниво од нашето. Покажавме дека можеме да се справиме со секого. Со поголемото искуство кое ќе го собереме сезонава, верувам дека ќе се истакнеме во иднина.