Press "Enter" to skip to content

МКЦ Битола ги додели националните волонтерски награди

По повод 5-ти декември Меѓународниот ден на волонтерите, денес во хотел “Милениум“ во Битола, Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) ја додели националната награда за волонтеризам за 2021 година. Целта е оддавање на јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.

Оваа година златен сертификат за волонтерство во 2021 година е доделен на планинската спасителна служба на Црвен крст од Охрид, а во образложението се вели:-Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид годинава реализира 12 спасителни операции за извлекување и помош на повредени лица, 25 асистенции за извлекување на заглавени возила во снег на Галичица, 2 спасителни операции за извлекување на домашни миленичиња, а учествуваше и во гаснење на шумскиот пожар на планината Галичица, асистирајќи им на надлежните служби. Затоа што оваа Служба прави да се чувствуваме безбедно во регионот околу Охридското Езеро.

Инаку, планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид е доброволна волонтерска организација, која делува во регионот околу Охридското Езеро, односно на територија на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Ресен и Поградец. Јадрото на Службата го сочинуваат искусни алпинисти од Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид, кои партнерски со Црвен крст Охрид ја развиваат службата уште од самите почетоци. Во моментов, во Службата волонтираат петнаесетина спасители обучени да делуваат на комплексен технички терен, како и повеќе од 30 волонтери, искусни планинари, обучени за логистика, пребарување и спасување на нетехнички планински терен. Службата располага со современ оперативен и тренинг центар, две теренски возила и специјализирана опрема за изведување на сложени спасителни операции на планина. За оваа опрема клучна  беше финансиската поддршка од ЕУ ИПА програмата за прекугранична соработка Македонија –  Албанија. За СОС потребите на корисниците, Службата е достапна 24 часа, 7 дена во неделата на дежурниот телефонски број 13-112.-Волонтерскиот ентузијазам, владеењето на алпинистичките вештини и стремежот за исполнување на највисоките светски стандарди, поткрепени со доверба од институциите и заедницата, секогаш резултираат со квалитет – велат претставниците од Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.

-Ја истакнуваме оваа иницијатива за да оддадеме јавно признание и благодарност на сите овие луѓе кои прават да се чувствуваме безбедно во регионот околу Охридското Езеро. Ја истакнуваме оваа иницијатива да поттикнеме нови вакви иницијативи и да се потсетиме дека треба да помагаме со ист ваков ентузијазам и со чисто срце, да си посакаме помалку интервенции за спасување и поголема територија каде ќе се чувствуваме вака безбедно како што се чувствуваме во регионот околу Охридското Езеро благодарение на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.