Денес во просториите на Сојузот на слепи од Битола, претседателот и ко-основач на Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење “ГАУС Институт“ од Битола, проф. д-р Игор Неделковски, по повод светскиот ден на лицата со попречености донираше изложба на тактилни слики и скулптури на Сојузот на слепи од Битола.Изложбата се состои од 10 тактилни слики со мотиви од Битола (најзначајните културно историски споменици во Битола) и 10 тактилни копии на артефакти од збирката на музејот во Битола.
Изложбата ќе остане трајна сопственост на Сојузот на слепи од Битола и ќе ги краси ѕидовите и просторијата на Ресурсниот центар на Сојузот на слепи во Битола.
При доделувањето на донацијата професорот Неделковски, кој е и почесен член на Сојузот на слепи од Битола, нагласи дека идејата ја добиле од соработката со НУ Завод и Музеј – Битола „Музејот од Битола е пионер во оваа област во Македонија и постојано организира тактилни изложби во Битола и други места во државата и надвор од неа.
-Изложбите доаѓаат и си одат а на посетителите им остануваат само сеќавањата. Затоа сакавме како што сите ние сакаме во своите домови да имаме уметнички слики и скулптури, да овозможиме слепите нивниот заеднички дом во Битола да ги украсат со тактилни слики и скулптури кои тие можат да ги „гледаат“ (чувствуваат преку допир). Но, и при организирање на настани и други форми на соработка да ги презентираат пред нивните гости во Ресурсниот центар како единствена организација на слепи во Македонија која поседува трајна уметничка поставка на тактилни слики и скулптури, рече проф. д-р Игор Неделковски, кој е внук на починатиот очен лекар Димитар Котевски, човек кој покрај тоа што ги лекуваше овие лица, од срце им помагаша, а дел од таа хуманост му ја пренесе и на Игор на кого ова не му е прва донација.
Автор на тактилната изложба е м-р Јове Парговски, текстот на брајово писмо го подготви Андријана Шокларовска-дефектолог, а тактилните копии на музејските предмети ги изработи вајарот Тони Николовски. Соработници во проектот: Весна Кочанковска, Владо Ѓоревски, Силвана Петрова Насух, Катерина Шарковска, Михаил Марковски, Студио Гимел, Весна Софрониевска, Александар Котевски, Студио Кочов. Координатор на проектот д-р Ирена Ружин.

Донација на “ГАУС Институтот“ за Сојузот на слепи од Битола (фотогалерија)
More from ВестиMore posts in Вести »
- Делегација од израелскиот град Бат Јам кај градоначалникот Коњановски
- Андреј Гулабовски нов претседател на Локалниот клуб на СДММ во Битола
- СВР Битола: одземена платежна картичка и повлечени пари и оштетување на две патнички возила
- Денес стартува 50. Струшки ракометен турнир, Еурофарм Пелистер отвора против Струга
- Денес на “Бит фест“ 12. издание на “Незаборав“