Press "Enter" to skip to content

Општина Битола: јавен повик за предлози и идеи за новогодишна програма

Општина Битола, годинава одлучи да има програмски претпразничен концепт кој една недела пред почетокот на празниците на граѓаните ќе им понуди содржини на една локација, кои ќе претставуваат спој на осмислена програма и наменско украсување на локацијата, со можност за промоција нa компании со услуги кои асоцираат на празниците и духот кој тие  го носат.

Програмата, за која од денес е објавен јавен повик, ќе ги вклучи предлозите и идеите на битолчани, каква програма би понудиле за овој претпразничен проект, а истите ќе бидат вклопени согласно условите кои ги наметнува секојдневието во кое од една страна сме соочени со тешката пандемиска борба со КОВИД 19, а од друга страна со енергетската криза. Делувањето во овие околности мора да биде разумно.

-Имајќи ја предвид состојбата со која моментално се соочуваме, Општина Битола, годинава одлучи да реализира новогодишни активности со кои ќе се создаде пријатна и малку поинаку конципирана програма, со цел новогодишната радост да допре до граѓаните. Програмските содржини ќе произлезат од предлозите кои ќе бидат доставени на јавниот повик објавен денеска, а новогодишното украсување ќе ја следи новогодишната програмска концепција и нема да значи декоративно оптоварување по секоја цена или користење на застарени реквизити кои и естетски и по потрошувачка на енергија не се соодветни, туку складно разубавување, на одредена локација, кое ќе внесе новогодишна магија во секојдневието во кое живееме. Верувам дека, како локална самоуправа водена од принципот на одговорност во овие услови, со ваквиот нов пристап, ќе успееме да создадеме посебна новогодишна приказна за Битола, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Предлозите за учество во новогодишната програма, може да се доставуваат во следните седум дена на мејл адресата culture@bitola.gov.mk, а најдоцна до 17.12.2021 година. Дел од иницијативите  и доставените предлози, ќе ја креираат овогодишната програма, додека барањата  и предлозите за кои ќе биде утврдено дека го отсликуваат интересот на поголем број граѓани, ќе бидат разгледани како можност за вклучување или реализација преку идните програми за култура на Општина Битола.

Преку креирање програма по мерка на секој граѓанин, се воведува нов пристап во работењето на локалната самоуправа, при што им се овозможува на сите жители на општината, рамноправно да учествуваат како творци и корисници во културата и културните случувања, што претставува и една од основните цели на програмата за култура.

Линк до јавниот повик

https://www.bitola.gov.mk/wordpress/wp-content/uploads/2021/12/Јавен-повик-Нова-Година-22-1221.pdf

More from ВестиMore posts in Вести »