Press "Enter" to skip to content

Вечерна и Света Божествена литургија и Литија во Битола за празникот Св. Нектариј

Со вечерна богослужба, Света Божествена литургија и Литија, Битола годинава ќе го одбележи Денот на Заштитникот на градот Свети Нектариј Битолски.

Денес, кога го славиме споменот на Свети Нектариј Битолски, во Соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, со почеток во 17.00 часот, ќе се отслужи Празнична Вечерна богослужба, на која ќе чиноначалствува, Митрополитот Преспанско-пелагониски господин Петар.

Празнувањето ќе продолжи утре со утринска богослужба, која ќе започне во 07:00 часот, а потоа ќе се отслужи Света Божествената Литургија, по што во 11.00 часот, од  храмот Свети Великомаченик Димитриј, ќе тргне и ќе се изврши свечена Литија со моштите на „Свети Агатангел Битолски“, а во чест на нашиот патрон и Заштитник на градот Битола – Свети Нектариј Битолски.

После завршувањето на Литијата, Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски ќе оствари средба со Митрополитот Преспанско-пелагониски господин Петар.

Општина Битола, оваа година со цел поттикнување на хуманоста и градењето високи вредности за создавање успешни генерации, во одбележувањето на Денот на Заштитникот на градот се вклучува и со хуманитарни активности за лицата на кој тоа им е најпотребно, но воведува и нов пристап во насока на поттик за напредок на учениците од општината.

Во овој контекст, со почетокот на идната година ќе биде објавен јавен повик со утврдени критериуми, врз основа на кои, на Денот на заштитникот на градот, ќе им се доделуваат парични награди на талентираните ученици, кои постигнале високи резултати во изминатата учебна година, согласно условите кои ќе бидат наведени во повикот. Со ова, општината ќе делува стимулативно на учениците, истовремено насочувајќи ги кон позитивни вредности и напредок. Ваквиот нов концепт се воведува и по барање на граѓаните на отворениот ден за граѓани, кој неодамна беше организиран од страна на локалната самоуправа.