Press "Enter" to skip to content

Битола ангажирана за Св. Никола, половина битолчани чекаат слава, другата им доаѓа на слава

Според бројот на битолчани кои попладнево ги имаше во централната црква во Битола, “Св. Димитрија“, кои “креваа леб“, а секако го имаше и во останатите храмови на МПЦ-ОА во Битола, изгледа дека најголем број жителите на Битола го имаат Свети Никола, за своја куќна слава.

Тешко беше да се најде место во црквата “Св. Димитрија“ домаќинките да ги наместат: свечената погача, пченицата и виното за свештеникот да ги “испее“ и со тоа да го направат обичајот “кревање на леб“, во чест на Свети Никола, заштитник на морепловците, децата, сиромашните…

-Многу е “ богат“ Свети Никола, гледате што е гужва, нема друга слава како оваа, нека е напомош на сите нас, кои го славиме Свети Никола како куќна слава, ни рече тетка Данче, која не пропушта, како рече, симболично да принесе жртва на светецот – леб и вино, секоја година откако знае за себе, па така и оваа година.

Дека Свети Никола “е богат“ посебно во Битола, покажува и тоа што на овој ден сите битолчани се ангажирани.

Првата половина се подготвува за вечерашната слава, подготвуваат посна трпеза во чест на светецот, а останата половина се подготвува да отиде на гости кај оние кои ја слават оваа куќна слава, а како знаат да речат понекогаш,  битолчани, Свети Никола е празник на цела Битола.

Па, затоа битолчани, да го славиме Свети Никола, чудотворецот, и нека биде на било кој начин во, и со секое семејство во Битола.

Утре продолжува славењето на светецот, а тоа ќе го направат оние кои чекаат именден.