Воведување на родовиот аспект во локалните политики, родова еднаквост при буџетирањето, родово сензитивни политики во време на пандемија и ранливи категории се само дел од темите за кои се разговараше на денешната средба помеѓу градоначалникот на Општина Новаци Стевче Стевановски и претставниците на UN WOMEN Телото на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените.
-Родовата еднаквост е особено значајна и доста актуелна тема во изминатите години особено заради тоа што ние како држава пред се а потоа и како локална самоуправа мораме да ги усогласиме и примениме законските ЕУ регулативи кои се однесуваат на оваа проблематика. Токму затоа имаме вакви партнерски организации кои ќе ни помогнат со техничка и експертска поддршка за спроведување на националните и меѓународните обврски во однос на родовата еднаквост, во согласност со националните законски и стратешки документи, рече Стевче Стевановски, градоначалник на Oпштина Новаци.
UN WOMEN како тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените на Општина Новаци ќе им обезбеди техничка и експертска поддршка во насока на зајакнување на капацитетите на администрацијата и советниците за родово одговорно креирање политики и буџет.
-Како партнерски организации ние ќе им даваме поддршка експертска и техничка а партнерот ќе ги инкорпорира принципите на родова еднаквост во своите стратешки планови и буџети, ќе го инкорпорира начелото за еднакви можности на жените и мажите, ќе ги надгледува ефектите и влијанието кое нивните програми го имаат врз жените и мажите и ќе поднесува годишни извештаи за прогресот.Ние како организација пак ќе посредуваме во процесот на комуникација, ќе формираме меѓу секторска работна група за родова еднаквост , ќе развиваме последователни интервенции и родово специфични мерки, градење на капацитетите на советот и администрацијата и сл, рече Ивона Паунович Бишевац, национална координаторка на програмата за родово одговорно буџетирање.
Општина Новаци е потписник на Меморандум за разбирање со UN WOMEN во рамките на проектот „Промоција на родово одговорни политики и буџети кон транспарентно, инклузивно и одговорно управување“ а тоа значи постигнување на одредени цели и тоа: воведување на родовата перспектива во локалните програми, нивно спроведување и следење преку примена на родово буџетирање како алатка, јакнеење на капацитетите на општинската администрација и општинските совети за исполнување на заложбите во согласност со ЗЕМЖМ, НСРЕ и НАПРЕ, унапредување на процесите за родово одговорно буџетирање и планирање на локално ниво, унапредување на собирањето на родово разделени податоци, подобрување на состојбата на жените и мажите на локално ниво, осигурување дека алатките за вклучување и консултација на граѓаните во процесите на одлучување на локално ниво ги земаат подеднакво предвид потребите на жените и мажите и размена на искуства на државно и регионално ниво и учење од добри практики за воведување на РОБ воспоставени во други земји.