Press "Enter" to skip to content

Традиционална новогодишна донација од Бимилк за децата од социјалните организации 

Новогодишните празници се омилен дел од секое дете, па во пресрет на празниците Битолска млекара традиционално и оваа година ги израдува децата од семејства во социјален ризик со донација на млечни пакетчиња. 

Донацијата се состои во пакетчиња со млечни производи и сокови од портфолиото на компанијата, а се опфатени над 780 деца од целата држава. 

Распределбата и доставата на пакетчињата се одвива преку организациите Црвен крст на Република Северна Македонија, општинска организација Центар – Скопје, општинска организација Кисела Вода и општинска организација Битола, Дневен центар за лица со Даунов синдром „Доза среќа“, Граѓанско здружение за унапредување на образованието кај Ромската популација „Ирхом Топаана“, Организација на жени Турчинки од Македонија „Дерја“ и Здружението за заштита и едукација на деца и млади Роми „Прогрес“. 

„Радоста на децата за пакетчињата за време на празниците е навистина голема и секое дете треба да ја почувствува. Бимилк секоја година со своите донации го проширува опфатот на што е можно повеќе деца посебно на социјално загрозените семејства и маргинализираните групи. Оваа година во комуникација со организациите, преку кои се одвива донацијата, се донираат производи што им се потребни и се корисни за децата. Бимилк како компанија се залага за еднакви услови за секое дете и со секоја општествено одговорна активност се обидуваме да придонесеме за поголем социјален баланс“, велат од Бимилк.