Press "Enter" to skip to content

Честитки за добро, здравје, љубов, радост…од нашите битолчанки, Лидија, Нина, Весела, Ирена, Емилија и Марија

Традиционалните украсувања на домовите и подготовките и оваа година во Битола се  направени со поголемо внимание, посвечено, можеби  со желби да се внесе магија за подобра 2022 . Празнична атмосфера секаде околу нас украсени  домови, дворови, улици… Секој дом уреден на посебен начин раскажувајќи приказна, значајна за Новогодишни и божикни празнувања.  Со ова сите сакаат да внесат  радост, топлина и светлина во грубата корона реалност  со сите последици кои ги донесе со себе во претходните 2 години на економски, здравствен, оцијален и психолошки план. Многу фотографии ги доловуваат и остануваат  за да не потсетат за убавите мигови на празници, дарувања, честитки и желби.

Низ фотографиите на претставнички од понежниот  пол, кои најчесто и најповеќе се внесуваат во магијата на украсување на своите домови со цел  за да им бидат што поубаво место и топол дом. Тие се најчесто задолжени и за вкусните трпези како неизоставен дел на прзничните прослави. А, фотографиите на секоја од нашите битолчанки  од нивните домови раскажуваат приказна посебна,значајна за нив, замислена и уредена  во зависност од нивната креатаивност. Во таа насока и  нивните честитки за подобра 2022 година, на прво место здравје, љубов, среќа, радост…

Лидија Стефановска – професор на БАС академијаПочетокот на Новата година е период кога секој човек прави ретроспектива на минатата, но и период кога ги поставуваме нашите нови идни цели. Иако, на некои искуства сакаме помалку да се сеќаваме, а на некои повеќе, сепак тој период ни го оживува ентузијазмот дека можеме некои работи да ги започнеме од почеток. Влегуваме во Новата година со нов жар, нови соништа и надежи. А моите новогодишни желби, се желби за добро здравје, многу љубов, спокој и благосостојба. Посакувам во Новата 2022 година да има среќни мигови за сите луѓе во светот, добронамерност и еднаквост. Нека конечно заживеат вистинските вредности, а помалку лицемерието и алчноста. Нека имаме среќни поколенија, позитивни мисли и мудрост. И конечно, да дочекаме крај на пандемијата, за да може да ги вратиме прегратките, бакнежите и блискоста кај луѓето.

Нина Илиќ, професор во Гимназијата “Ј.Б.Тито“Зарем можам да посакам нешто повеќе од здравје, мир и љубов за мене, за моите најсакани и за секој човек? Суштината на нашиот бит чука барајќи задоволување на нашите егзистенционални потреби, а малите задоволства го исполнат нашето секојдневие и ни остават трага на среќна и исполнети личности.  Завршуваме уште една година, го пишуваме крајот на уште една приказна за раскажување и целиме кон нови предизвици со позитивна мисла и амбиција за добар успех.   Дел од моментите кои останаа позади нас долго ќе ги носиме во нашите спомени, а еден дел од нив трајно ќе ги збришеме сакајќи само убава иднина. Работата со моите ученици ми дава мотив за себедокажување но и можност за поттик на младите интелекти да се изградата во здрави, одговорни и успешни личности.  Топлината на семејството во мојот дом го гради светот за мене, сплотен со звуците на нотите од клавирот отсвирени од моите деца. Нека новата година донесе здравје и среќа кај секого. Среќна Нова 2022 година!

Весела Богдановиќ, наставник, писател…Во услови на пандемија и ограничувања, годината што измина и таа пред неа ме вратија „дома“ во секоја смисла. Морав на подолго време да ги паузирам моите два најдраги авторски проекти, КРЕФ меѓународниот фестивал на едукативни филмови и конференциите на Асоцијацијата на најдобри едукатори од бившите Ју простори. Сега кога мислам на тоа искрено ќе си кажам дека таа огромна и одговорна, а ентизијастичка работа на организирање на многу настани со многу колеги, на различни места низ регионот ме исцрпуваше, но и ме дефокусираше од други можни, а за мене важни работи, веќе долго време. Така годинава за сметка на времето искористено за себе, во мај го објавив интерактивниот детски роман „Авантурите на госпоѓицата Жолтоперковска“ и интерактивен
прирачник за социјален и емоционален развој „Книга на тајните“  и “Тајната на Сината Самовила“.Новата 2022 ќе ја започнам со уште една моја книга “Чудо од визбата“. Ова си го должев сама на себе. Доволно долго чекав „ред“ да се „ослободам“ за закажана средба со себе си, а да бидеш толку достапен за светот, а недостапен сам за себе, не е во ред. За 2022 семејни авантури сега ми е најважен и приоритетен „проект“, а богами и во тоа сум доста проактивна. Среќа во срцето, радост на лицето, најмилите околу вас сите на број и многу прошетки и авантури ви посакувам од срце во новата што иде.

Ирена Вангеловска, магистер по економски науки, болница  “Плодност“ Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година. Доаѓањето на новата година кај секој од нас буди нови надежи, нови очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина. Како жена од економската бранша, би нагласила дека секоја криза носи големи ризици, но носи и можности да излеземе од неа како пофункционално општество и порезистентна економија. Секоја научена лекција е добивка, а на оваа криза треба да гледаме и како на појдовна точка од која работите ќе ги правиме подобро. Како што би рекол светлиот ум од минатиот век, Алберт Ајнштајн: „Во средина на тешкотијата, стои можноста.Посакувам, во 2022-та, во секој дом да владее мир и спокој, благосостојба и здравје, да имаме повеќе почит – кон родителите, кон семејството, пријателите, но, и почит кон колегите, соседите и сограѓаните. Затоа, да се почитуваме и помагаме, бидејќи само така нашите желби за подобар живот ќе станат реалност .Направете си ја годината незаборавна, исполнете некој од вашите соништа кои досега ви изгледале неостварливи. Новогодишната светлина нека ви го донесе патот до среќата, успехот и здравјето! Нека биде се добро, а соништата да се претвораат во стварност. Среќна Нова Година!

Емилија Миновска, дигитален маркетер и предавач во “Јавен Адвертајзинг“На “залезот”на старата 2021 година,посакувам ново “изгрејсонце”од новата 2022 година,но многу поблескаво и поубаво. Оваа 2021 година нé научи на едно поинакво “нормално”, нé научи да се смееме со очите и нé извади, на некој начин, од комфорната зона на која сите бевме навикнати. Мене лично, ме научи дека кога човек е одлучен да постигне успех, тоа е неминовно, без разлика на условите. Ми покажа дека можам да постигнам успех, да бидам креативна, да ги остварам замислените цели и дека “немам време” е само изговор.

Оваа 2021 ќе ја паметам по успешно завршената магистратура и по успехот на професионално ниво како дел од тимот на “Јавен адвертајзинг” кој што има големи планови за напредок и во следната 2022 година. На приватен план, ми пикажа дека, на крајот од денот, семејството се оние кои што се секогаш најголемата поддршка. Посакувам Новата година да биде плодна, успешна и среќна со многу здравје и радост за сите нас.

Марија Додовска, предприемач во Прага-Годината што ја оставаме зад нас беше вистински предизвик и дефинитивно уште еден голем тест за човештвото. Во услови на светска пандемија која што ги допре сите сфери на општественото живеење,  повеќе од било кога стана јасно дека пандемијата не може да го запре граѓанскиот активизам и тоа е најсветлата точка што можеше да ни се случи. Ситуацијата не натера да бидеме емпатични, солидарни, креативни, иновативни и свесни за природата, а оттука произлегоа низа урбани хумани и солидарни акции кои ни ги топлеа срцата и внесуваа надеж во ова тешко време. Суперхерои не се повеќе ликови на Марвел туку реални лица, секој од нас. За мене лично годината што измина ќе ја паметам како година во која ми се случија убави и помалку убави работи, а се останато ќе се потрудам засекогаш да припаѓа на заборавот! Во новата година ви посакувам ‘да ја имате силата на ветровите, смелоста на ѕверовите, мудроста на вековите и љубовта на боговите.’  Искрени честитки од срцето на Прага, за BitolaNews!