Press "Enter" to skip to content

Утрово, по повод Божик, света Божествена литургија во црквата “Света Недела“ (фотогалерија)

Првиот ден по Христовото раѓање, Божик, петок, 7 јануар, 2022 година, во црквата “Света Недела“ во Битола, свештениците, предводени од Отец Пенчо Пусоски, одржаа света Божествена литургија.На службата присуствуваа битолчани кои претежно живеат во овој дел на градот, а и присутни беа и други кои беа дојдени во црквата од другите делови на Битола.-Христос се родил во пештера, во Витлеем! Таа пештера не е убав трем, а не е ниту амбар или житница, такво нешто може да биде само сон на фантазерите и играчка за малите дечиња, но не и пештера во која се родил Христос. Вистинската пештера, била дом на животните, древна бедна пештера во сиромашните земји, и не била градба со столбови и капители, налик на раскошен амбар наменет за децата на бадниковата вечер.Ѓаконот Александар го прочита пред присутните и Посланието на Владиката Петар, каде беа посочени актуелните проблеми на денешницата, а тука беше спомната и белата чума, кога од ден на ден имаме се помалку деца.-Попусто ѕидаме кули и градови, подигнуваме згради, училишта и градинки, ако природниот наталитет на населението, е недоволен да го зголеми прирастот на еден народ. Според денешната состојба на нашиот наталитет, сите овие градби за брзо време ќе зјаат празни и напуштени. Залудни ќе бидат и нашите велелепни и вековни Божји храмови, ако во нив нема кој да Го слави и велича Бога Троичниот, беше речено меѓу другото.Отец Пенчо ја кажа и молитвата за Светата Причест, а потоа со причесна ги послужија верниците кои ги одржаа Божиките пости. На крајот од службата присутните беа послужени и со нафора, за нивно здравје и на нивните блиски.-Денес е голем ден, го славиме Христовото раѓање. Јас сум тука редовно во црквата, па и сега кога е голем празник, ја слушам литургијата, а се и во нареднит денови ќе доаѓам. Ги канам сите да дојдат, да не седат дома туку да дојдат во црките, да слушаат литургии и да се помолат за сите, да излеземе слободни од короната, ни рече баба Вера, од Горно Оризари.Богослужби во црквата “Света Недела“ ќе се изведуваат и наредните денови, а свештениците ги поканија верниците да присуствуваат на сите, за заедно да го слават Христовото раѓање.На верниците, свештениците им порачаа дека на овие денови се слави Христовото раѓање, а не смрта и воскреснувањето, па затоа не треба да се посетуваат гробовите на мртвите. Но, најголем број на битолчани денес се упатија кон гробовите на своите најблиски. Верниците кои за куќна слава го имаат Божик по завршувањето на Службата “кренаа лепче“ за здравје.

С.Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »