На почетокот на денешната седница на Советот на Општина Битола, граоначалникот Тони Коњановски даде осврт на точките на дневен ред, кои веќе беа разгледани од Ваша страна на соодветните комисии, но и информира за дел од тековното работење на општината. За пријавите на штети по земјотресите во Битола рече:
-Во врска со состојбата која никој од нас не ја посакуваше, предизвикана од серијата земјотреси кои беа почувствувани во Битола, по што се наметна потребата како локална самоуправа да ги преземеме потребните мерки и чекори за да им излеземе во пресрет на граѓаните кои претрпеа штети во домовите, сакам да ве информирам дека на објавениот повик од страна на општината, примени се 2.677 барања и формирани се комисии кои ќе ги разгледуваат барањата во следниот период и се надевам дека многу брзо ќе успееме да постапиме по барањата кои ги исполнуваат условите за надомест на штета.
Во врска со постапката за проценка на штетите, минатата недела на состанокот со претставници од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, се договоривме во текот на оваа недела, стручните лица од ИЗИИС да им одржат обука на членовите на комисиите кои ќе вршат проценка, во врска со што истите треба да се обучени согласно Законот за заштита и спасување.
Како што претходно ја информиравме јавноста, за штетите настанати од земјотресот остваривме и работен состанок со претставници на Владата, а во понатамошното постапување очекуваме поддршка од нивна страна, како што и најавија владините претставници, после состанокот.