Press "Enter" to skip to content

Денес, стотици битолчани на слава на манастирот “Св. Атанасиј“ кај месноста Смолево (фотогалерија)

За денешниот голем верски празник Св. Атанасиј неколку стотини верници од Битола и потпелистерските села, го посетија истоимениот манастирот кој се наоѓа на неколку километри од Битола, над населбата Стрчин, во горниот дел на Касарната.Убавиот сончев ден како да беше создаден за пешачење од Битола до манастирот така да, најголемиот дел од денешните посетители се упатија таму по убавото време кое како да навестува дека на зимата и доаѓа крајот, како и што се вели во народните изреки поврзани со овој зимски верски празник.Овој празник Св. Атанасиј и го означува тоа како последен празник од зимските слави, а по повод празникот на Светецот, кој е заштитник на православието, синоќа вечерна и денес богослужба одржа Отец Никола. Домаќинките си “кренаа“ лепче за здравје, а останатите верници запалија свеќа, донесоа дарови и се помолија за здравје.По патот се движеа и автомобили и теренски возила. Сите одеа кон  манастирот кој е сместен пред да се навлезе во шумата. Околу манастирот имаше многу луѓе кои го славеа празникот со убави јадења и мезе. Една група верници, кои беа седнати на клупите во дворот на манастирот, беа расположени за разговор, а Ѓорѓи Петровски ни кажа:-Скоро екој ден доаѓаме до манастирот со пешачење. Какви и да се временските прилики, а оваа зима беше и така и вака. Дојдовме денес да запалиме свеќи за наше и здравје на сите битолчани. Тоа ни е веќе во навика било да е зима или лето. Денес на половина од зимата, како што ни кажува овој голем празник, доаѓаат и многу други луѓе за да го прослават празникот.-Јас сум Ташко Атанасовски, а како ми велат другарите славам и име и презиме. Денес денот е преубав и има многу луѓе, но имало години кога имало снег и мраз, но сепак сме доаѓале. А денес со посебен повод, скромно да се почастиме за празникот и мојот именден. Дел од посетителите го искористија убавото време да се искачат и нагоре кон Баба планина, и да прошетаат како ни рекоа “по каналот“, а голем број уживаа седнати во помали друштва и уживаа во последниот јануарски ден, на средината на зимата, ден кога и завршуваат зимските празници, а сите се подготвуваат за пролетта која е на прагот.Сите како да се веселат дека на зимата и доаѓа крајот  и во денешното сонце препознаваат дека пролетта е близу. Можеби заради тоа и оптимизмот како да се чувствува насекаде околу нас.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »