Press "Enter" to skip to content

“Дали си подготвена“ – премиера на филм и кампања за подигање на јавната свест за репродуктивно здравје кај ромското население

Недостигаат матични гинеколози, а има и случаи на незаконската наплата на услуги кај некои од нив, кои инаку се бесплатни. На ова укажа документарниот филм „Дали си подготвена“ снимен во рамки на Кампања за подигање на јавна свест за репродуктивно здравје и здрава бременост кај ромското население преку проектот „Баир- Здружена акција“ кој имаше своја онлајн премиера.-Имав регистрирано матичен гинеколог кој почна да ја води мојата бременост. Во почетокот на мојата бременост кога и да направев преглед секогаш ми беше наплатуван. Иако бев свесна дека не е во ред од негова страна, радоста која ја чувствував ми беше поважна и не сакав да се занимавам околу правата кои ми беа злоупотребувани. На крај решив да се откажам од него и си регистрирав друг гинеколог кој редовно ја следеше мојата бременост без да ми наплати ни еден денар, раскажува Узурџан Маликовска, ромски здравствен медијатор.

Во Битола има гинеколози кои работат професионално и законски, а пружаат услуги на Ромки. Во филмот зборува Тони Анастасиевски, специјалист гинеколог-акушер, матичен лекар кај кого поголем број Ромки ги добиваат прегледите што законски бесплатно им следуваат. Тој вели дека редовните прегледи се значајни зашто голем дел од родилките се малолетни, а кај некои и бременостите се зачестени, една по друга.-Забележувам дека кај нив најчесто имаме забременување од 14 до 16 години, а главните проблеми настануваат по раѓање гледано од социо-психолошки аспект зашто има незрелост да се биде родител. Важно е втората или третата бременост да биде неколку години по првата кога ќе бидат зрели родители, вели Анастасиевски.Гинекологот и акушер Емилија Јашовиќ –Сивеска укажува дека на бремената жена која е прворотка и следуваат бесплатно 10 гинеколошки прегледи, а на повеќеротката седум, кои не мора секогаш да се ултразвучни. Анкетата „Грижа за здравјето на Ромите“ направен во проектот покажа дека во Битола дури 32 проценти од жените Ромки воопшто не посетуваат гинеколог, 77,8 проценти не вршат преглед на градите, 71, 4 проценти не знаат за мамографија, 86 проценти од испитаниците не знаат кои мерки за превенција од рак се нудат бесплатно. Во однос на гинеколошките прегледи кај ромското население има многу предрасуди, посебно кога во прашање се невини девојчиња.-Девојките немаат доволно знаење. Се прашуваат што ќе се случи ако одам на гинеколог, ќе ја загубам невиноста? Што ако некој ме види, што ќе каже за мене дека не сум невина? Истото го мислат и нивните родители. Не знаат дека кога одиш на гинеколог постојат посебни прегледи, те прашуваат дали си или не невина. Постапката во тој случај е друга и не можеш да ја загубиш невиноста, вели Фатма Бајрам –Аземвска од „Сумнал“ –Битола.-Традицијата и културата на муслиманските жени не дозволува матичен гинеколог од машкиот пол, па затоа сакаат прегледите да им ги извршува жена. Но, често се случува да бидат одбиени зашто бројот е пополнет и немаме место за нови пациенти, вели Маликовска.

Кампањата едуцира за проблеми и предизвици за кои треба отворено да се зборува:

-Секоја девојка и жена на возраст над 12 години има право да избере матичен гинеколог во примарната здравствена заштита.

-Здравствените услуги кај матичниот гинеколог се бесплатни

-Сите жени на возраст од 24 до 60 години треба на секои три години да добијат покана од својот матичен гинеколог и да направат ПАП-тест

-Секоја жена е потребно да направи минимум осум до десет здравствени контроли за време на бременоста, а препорачано е првата контрола да биде напавена во првото тромесечие од бременоста

-Жените за време на бременоста се ослободени од плаќање на партиципација во сите јавни здравствени установи и во приватните здравствени установи за услугите за кои имаат склучено договор со ФЗОРСМ

-Во здравствените домови функционира службата за патронажна дејност, преку која патронажните сестри треба да ги посетуваат жените за време на бременоста, како и мајките и доенчињата по породувањето, во нивните домови

-Породувањето во јавните здравствени установи е бесплатно за сите жени што се државјани на Македонија, без разлика дали имаат здравствено осигурување, како и за жените што се без лична документација

Сите здравствени услуги за доенчињата, односно допрвата година од животот се бесплатни Кампања за подигање на јавна свест за репродуктивно здравје и здрава бременост е дел од прокетот „Баир-здружена акција“ финасиран е од Европска Комисија, реализиран во партнерство на италијанската невладина организација -COSV, Преда Плус Фондација и Општина Битола.