Press "Enter" to skip to content

ФК Пелистер со соопштение за транферот на Усни Исмаили во Швајцарија, спорна тренинг компензацијата

Фудбалерот на Пелистер Усни Исмаили од Битола договори трансфер во екипата на Тун од Швајцарија, а потоа го обвини клубот дека му го пречи трансферот како слободен фудбалер. Денес со соопштение се огласи и клубот од Битола во кое се вели дека проблемот е во висината на тренинг компензацијата која е задолжителна.

-ФК Пелистер има намера детално да ја запознае јавноста со информациите и шпекулациите поврзани со фудбалерот Усни Исмаили. Се работи за дете на Пелистер, фудбалер кој од мали нозе е наш фудбалер, момче во кое клубот инвестираше со години, а тој возврати со професионални настапи во сите наши категории. Оваа зима истече неговиот професионален договор со нашиот клуб и тој е слободен да си бара нова средина. Сепак, регулативите на ФИФА ги заштитуваат клубовите и со мерката тренинг-компензација им возвраќаат за нивните инвестиции во младите фудбалери. Тоа се поклопува со нашата идеја школата на клубот да се самофинансира. 

По информациите дека Исмаили има личен договор со швајцарскиот клуб Тун, по листата на нормативи на ФИФА, овој клуб е должен да ни исплати 480.000 евра како тренинг компензација. Оваа цена не е поставена или побарана од ФК Пелистер, туку ФИФА ја одредува во зависност од нивото на шампионатот од каде што доаѓа клубот кој го реализира трансферот. ФК Пелистер, кој минува низ транзиционен период и кој се финансира од општински пари, има обврска да се грижи за својот буџет, преку продажба на фудбалери да го зголемува истиот и да егзистира. Но, познавајќи ја кризата и ковид-проблемите, во постојаната официјална комуникација со клубот Тун, нашите побарувања се само 10% од официјалната сума која ФИФА ја налага (50.000 евра и процент од следниот трансфер). Клубот не смее да си дозволи фудбалери бесплатно да си заминуваат, бидејќи тоа е еден од основните начини на финансирање во светот.

Во разговорите со клубот Тун дојдовме до оваа сума, која е неприфатлива за швајцарскиот клуб. Нивната понуда која стигна до нас е условна тренинг компензанција која не носи ниту едно евро во клупските каси , туку условува прилив од 28.000 евра доколку фудбалерот исполни одредени услови во сениорската екипа во иднина.

Уште еднаш сакаме да потенцираме дека Усни Исмаили е слободен фудбалер да ја избере својата иднина, но во кој клуб и да потпише тренинг компензацијата е задолжителна според ФИФА регулативите и наша обврска кон акционерите и навивачите е да се заложиме за нејзино почитување. Примерите со продажбата на фудбалери како Станковски од Работнички и Елези од Шкендија се пред нас и ние сакаме да се движиме во тој правец”, се вели во соопштението. 

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »