Press "Enter" to skip to content

Жељко Бабиќ: за разлика од првиот натпревар во Битола сега сме цврсти, подготвени и со реални шанси

Ракометарите на Еурофарм Пелистер веќе се во Франција каде ќе го игра раванш натпреварот во рамките на Евро лигата, против екипата на Ним, а тренерот Жељко Бабиќ по неколку натпревари дома во Битола и во гости во домашното првенство и СЕХА лигата го подготвува овој натпревар. Бабиќ има проблеми со болни ракометари, сепак верува дека неговиот тим ќе биде многу подобар од оној кој загуби во Битола пред четири мезсеци.

-Сигурно дека добродојдени беа натпревари кои ги игравме месецов. Еден од проблемите е што не бевме комплетни и не можевме да вежбаме што подготвивме. Сепак, во секој случај добро е што игравме и тоа ќе ни помогне против Ним. Тие се физички јака екипа, играат многу „еден на еден“ и многу трчаат. Впрочем, играат француско првенство, кое има свои карактеристики. Во Битола можеби го одигравме најлошиот натпревар против нив во првиот дел на Европската лига. Имаа изразито расположен голман, кој ни даде и три гола, и собра десет одбрани во првиот дел. Со една таква моќна екипа ние немавме шанси.

За реваншот Бабиќ додава:

-Мислам дека ќе биде овојпат поинаку. Ние сме ментално многу цврсти, спремни и имаме наши шанси. Сепак, мора да бидеме спремни да играме шеесет минути, да бидеме тактички дисциплинирани, фокусирани на задачите, да бидеме цврсти во дуелите и да не заборавиме кои се нивните карактеристики. Сакаме и верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат. Ним е многу цврста екипа, игра „еден на еден“ и во одбрана и во напад. Имаат одлична транзиција, контра од страна на десното крило и одличен голман, кој форсира контранапади. Лесно нè победија во Битола, но потоа се мачеа во групата. Но, тоа се случува кога противниците престанаа да играат кога тие поведоа со 4-5 разлика. Моите играчи знаат дека многу важно е да продолжат да играат ако се случи резултатски пад. Резултатски пад е дозволен, но ментален и тактички пад не смее да ни се случи. Оние кои тоа го задржаа, тој ритам на играње, тие на крајот го стигнаа Ним и играа тесни натпревари до крајот.

Тренерот на Еурофарм Пелистер додава и дека има обврска да ги натера своите играчи да размислуваат за следниот натпревар, а не она што се случувало во минатото.

-Врвниот спортист не размислува што било пред три или пет дена, фокусиран и ангажиран е да го победи следниот натпревар. Ние тоа го покажавме, еве веќе четири месеци сме без пораз. Еурофарм Пелистер ментално е цврст, со силен фокус, и без разлика на постигнатото, ние имаме уште многу да играме. Треба да играме за титули и да оствариме добра позиција во групата, па потоа до каде што ќе стигнеме. 

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »