Екипите на Пелистер од Битола и “домаќинот“ ТФТ ќе ја отворат петочната програма во Купот кој го носи името на великанот на македонската кошарка Благоја Георгиевски – Бушту. Осум екипи ќе се борат за големиот пекар, а стартот е закажан во 12 часот во салата “Кале“ во Скопје.
Екипата на Пелистер е фаворит на оваа средба поради фактот дека нема пораз во домашното првенство во 15 одиграни кола, но тренерот Марјан Илиевски е отимист, но вели дека сите се свесни за тежината на куп-натпреварите. На официјалната прес-конференција Илиевски рече:
-Се надевам дека свесни сме на тежината на првиот натпревар. ТФТ е екипа која што трча, која одлично е подготвена и ќе мораме да одговориме со тактички замисли како да ги заштедиме играчите и да ја искористиме малата ротација. Се надевам дека нема да земе данок тешкиот натпревар против Еуро Никел во Битола и секако играњето во “балонот“ од АБА2 лигата. Можеме да ветиме дека нема да се предадеме, без разлика дали е тоа првиот натпревар, а дај Боже да завршиме со финалниот натпревар. Тогаш ветувам дека за нас постои само една опција, а тоа е позитивен резултат во наша корист.
Димитар Караџовски, додаде дека заморот и скратената ротација се голем проблем пред Купот и додава:
-Генерално беше тешко да се игра. Ни се собраа доста работи, игравме со скратен ростер и имавме повеќе патувања. Добро е што натпреварот заврши во наша полза и мирни заминување во Скопје на завршницата на Купот. Сепак, треба да се обрне внимание на секој натпревар. Нема ништо да биде лесно. Ни недостигаат тие 2-3 играчи во ротација. Со нив ќе биде поинаку. Се чувствува малку замор кај играчите, но најдобро нешто е што победивме и со мирна глава заминување на Куп-завршницата.