Press "Enter" to skip to content

Објавена стихозбирката “Пеш по воздушна линија“ од Даниела Андоновска-Трајковска

Деновиве, во издание на Книгоиздателството „Ми-Ан“ се појави новата стихозбирка на Даниела Андоновска-Трајковска со наслов „Пеш по воздушна линија“. Изданието доаѓа по успехот на нејзината претходна книга „Математичка поезија“ која побуди голем интерес кај љубителите на поезијата и ја доби наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра книга поезија. Она што го прави новото дело на Андоновска-Трајковска посебно е нејзината суптилна игра како со зборовите, така и со нивното значење, давањето личен печат и толкување на поимите што нè опкружуваат, а со тоа и еден нов пристап и ново читање на темите што неа ја окупираат.Книгата „Пеш по воздушна линија“ од Даниела Андоновска-Трајковска е компилација од седум циклуси кои секој за себе се истакнуваат со својата посебност, а сите заедно – со својата компактност. Шеесетина поетски творби блескаат како вгравирани уметнички дела изложени во рамките на циклусите „Чекори во стакло“, „Дезинфицирани далечини“, „Прекасан јазик“, „Опстанок“, „Црвена вода“, „Хаику“ и „Минијатури“.

Стихозбирката „Пеш по воздушна линија“ на лирски начин ја прикажува индивидуата во условите што ни ги донесе новата реалност, пандемијата со КОВИД-19, каде секој од над се соочи со нови предизвици, со таканареченото „ново нормално“, при што спознавањето на своето Јас е ставено во прв план.Даниела Андоновска-Трајковска е поет, прозаист, книжевен критичар, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ (БКК). Член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола, каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Сега е дел од управниот одбор на Друштвото како претставник од одделението за лингвистика и литература. Главен уредник е на списанијата „Раст“ (Битолски книжевен круг) и „Современи дијалози“ (Македонско научно друштво-Битола, на циклусот поетски збирки со наслов „Збор во зборот“ и на неколку монографии. Поезијата ѝ е преведена на повеќе светски јазици и е објавена во реномирани книжевни списанија во земјата и странство.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »