Press "Enter" to skip to content

Бабиќ и Секељи: карактерот и одбраната го добија натпреварот со АЕК, беше фантазија да се игра во Битола

На официјалната прес конференција која се одржа по завршувањето на натпреварот Еурофарм Пелистер – АЕК Атина, во Битола, зборуваат претставниците на двата клуба.

Тренерот на “пелистерци“ Жељко Бабиќ за своите импресии од натпреварот рече:-Беше задоволство да се игра против АЕК оваа сезона и беше задоволство да се гостува и во Атина и да се игра меч тука во Битола. Што се однесува до натпреварот, благодарен сум до небо на сите во Еурофарм Пелистер, моите ракометари уште еднаш покажаа карактер. Секељи можеби беше клучен човек во мечот, но сакам да ја потенцирам одбраната која заврши добра работа. Карактерот и одбраната го добија натпреварот со АЕК. Секако, благодарност и до нашите навивачи за големата поддршка.

Мартон Секељи имаше 15 одбрани на натпреварот, а на пресот доби пофалби од грчкиот тренер, и рече:-На почетокот сакам да им се заблагодарам на гостите од Атина за убавите зборови на моја сметка и на екипата. Првото полувреме беше релативно тешко и нервозно, меѓутоа ние знаевме дека чека ваков натпревар. Подготвени бевме за нивната 5-1 одбрана и во вториот дел го покажавме вистинското светло. Честитки за „Чкембарите“ и за атмосферата која ја направија, беше фантазија и уживање да се игра во ваква убава атмосфера.

Тренерот на АЕК, Димитрис Димитроулиас, испрати и честитки на адреса на Еурофарм Пелистер за перфектната игра, и додаде:-Најпрво. сакам да му честитам на противникот. Имавме добри моменти во првиот дел, но потоа бевме нервозни, го загубивме менталитетот што го поседувавме и енергијата. Во вториот дел Мартон Секељи имаше одличен настап и фати чисти удари од шест и седум метри. Еурофарм Пелистер беше добро подготвен за нас. Атмосферата исто така беше одлична, даде добра енергија на нашиот ривал. Во вториот дел дојдовме до еден момент кога знаевме кој ќе биде победникот. Целата игра ни се распадна и заслуживме пораз. Но, морам да кажам дека сум горд на мојот тим и начинот на кој ја одигравме нашата прва европска авантура. На Еурофарм Пелистер му посакувам среќа во понатамошните натпревари“, изјави тренерот на АЕК.