Press "Enter" to skip to content

Андреа Христовска-Гоновска, Ни Чи клуб за боречки вештини и правилен раст и развој на децата

Вештините на боречките спортови и источната филозофија  се однесуваат на смирување на духот и ментален раст, преку новиот клуб Ни Чи, Андреа Христовска-Гоновска сака да им ги пренесува на младите генерации, што е еден многу позитивен сегмент во здравиот раст и развој на децата. 

-Ни Чи опфаќа широк спектар на вежби за флексибилност (гимнастички елементи) моторика, кикбокс, традиционално оружје, техники на соодбрана“, започна Андреа објаснувајќи ја оваа боречка вештина која се изучува во нејзиниот клуб Ни Чи. Уште на почетокот на разговорот  се наметна прашањето:

Колку филозофијата на источните боречки вештини има улога во правилниот раст и развој на децата? 

-Изучувањето на боречки вештини позитивно влијае врз: самодовербата самоконтролата, концентрацијата, моториката, социјализацијата, солидарностa.

Кажете за ни повеќе за себе и кога започнавте…

-Јас сум Андреа Христовска – Гоновска. Со спорт се занимавам од мои четири години. Мојата прва средба со спортот беше гимнастиката, а на 6 годишна возраст започна моето патување во боречките спортови кај покојниот мајстор Златко Неделковски.  Кога бев тинејџер го сакав адреналинот во рингот, преку боречките вештини јас се развивав во самоуверена личност.  Сега на свои 22 години, сфатив дека тоа што го гледам низ моите врсници е жалосно. Сметам дека клучниот проблем е тоа што не сме доволно едуцирани, кога велам едуцирани мислам на животот. Во младиот ум влегуваат секакви информации, но ретко кој промовира како да се справат со предизвиците кои секој од нас ги има, па често сме сведоци на конзумирање на алкохол, дрога кои често доведуваат и до предозираност, бидејќи со секоја наредна голтка алкохол или дрога се оди кон се повеќе и повеќе што доведува  до предозирање, насилство, самоубиства и т.н.

Што е Ни Чи и идеја за отварање на клубот Ни Чи ? 

-Со отварање на клубот Ни Чи би сакала да  придонесам за развојот на младите преку спортот во нашиот град. Има многу талентирани деца кои остануваат незабележани. Она што всушност сакам да го кажам е тоа дека децата треба да се чувствуваат здрави, среќни и безбедни! Ни Чи клуб клуб за боречки вештини кажете ни повеќе околу името ? 

-За името на клубот бев инспирирана од името на моето дете затоа што бенефитите од кунг фу вештината најмногу ги почувствував откако станав родител. Концентрацијата, толеранцијата трпението и најадекватниот начин на справување при примената на кунг фу техники кои вклучуваат и вежби со оружје се добитна комбинација која ве прави “спремен” родител.  Мое искуство како родител: слободно можам да кажам дека правилното развивање на моторика кај детето уште од најрана возраст ја зголемува неговата самодоверба во неговите физички активности, но и во менталниот развој, изразувањето и социјализацијата.

Порака за родителите кои сакаат своето дете да стекнува боречки вештини  во Ни Чи  клубот…

Во Ни Чи вашето дете ќе научи: да го држи своето тело право и цврсто, ќе научи да споделува со другарчето предмети, но и емоции. Уште еден бенефит е тоа што од мали нозе ќе знае здраво да се справи со поразот како и правилно да ja насочи детската “разиграна“ енергија кон здрави и корисни навики во понатамошниот развој на неговата индивидуа. Во Ни Чи клубот децата се во сигурни раце затоа што мене како човек кој живее во спортски дух, а  одговорноста е таа која ме движи низ животот.

Жанета Ристевска