Денес, 21 март, на Големата сцена на Народниот театар од Битола, премиерно ќе биде изведена најновата премиера “Малиџано“, според текст на Билјана Крајчевска, а во режија на Софија Ристевска – Петрушева.
-Тоа е современ текст за обичниот човек со неговите секојдневни проблеми, грижи и доживувања, со неговите традиционални и природни предизвици и дилеми – истакна режисерката Софија Ристевска – Петрушева на средбата со новинарите во Малата Сала во Домот на културата во Битола.
Според зборовите на директорот на Народниот театар од Битола, Иван Јерчиќ, оваа претстава е создадена за неполн месец, надвор од годишната програма на Министерството за култура.
-Задоволство е да се сработи премиера во која учествува екипа која едноставно меѓу себе се “чита“ , почнувајќи од актерите, режисерот и целата техничка постава.
За претставата и за своите лични доживувања инспирирани од ,,Малиџано“, на прес конференцијата говореа актерите Маја Андоновска Илијевски, Никола Пројчевски, Анастасија Христовска, а во најновата пиеса играат и актерите Соња Ошавкова, Катерина Аневска – Дранговска, Никола Стефанов, Валентин Дамчевски и Живко Борисовски.
Кореографијата во оваа свевидна шоу претстава е на Кире Миладиноски, сценографијата ја подготви Драган Анѓеловиќ, костимите се на Андреј Папаз Ѓоргиевски, видео-дизајнот го изработи Гоце Веселиновски, а фотографиите се на Ивона Кочов.
Се заедно, понеделнички, со првиот ден на 21 март, со ,,Малиџано“ очекуваме продолжение на една убава сезона на сцените на Народниот театар од Битола.
Д.Р.