Press "Enter" to skip to content

Илјадници  битолчани ја испочитуваа традицијата во чест на 40 маченици, се искачија на Кркардаш по 2 години пандемија (фотогалерија)

Вечерва 21 наспроти 22 март сита патишта водеа над Битола, илјадници битолчани, млади и стари, масовно се упатија накај манастирот посветен на Светите четириесет Битолски и Севастополски Преподобни Маченици,  да ја испочитуваат традицијата, да се помолат за здравје и запалат свеќа. После 2  години кога на овој ден заради пандемија и спроведените мерки кога  улиците кои водат, скалите за искачување и дворот на манастирот беа празни и една жална слика која сите сакаат да ја заборават.  Можеби заради тоа и големата посетеност оваа година, а домаќинот на Кркардаш, Диме Павловски –Џими вели:-Вака го личи денот, на Кркардаш, фала му на Господа со многу луѓе. Тешко беше пред две години, да не ви кажувеме вам бидејќи бевте со нас и ги објавувавте тажните слики, кога бевме само тројца и во 9 и пол го затворивме манастирот, а лани повторно короната, но и снегот и студот дозволија само десетина луѓе. Но, сега се вративме на старо, манастирот и дворот е полн, како ние велиме цела Битола е тука горе, а Петар Митров,  дел од екипата домаќини додава:-Радост на душата годинава. Имавме вечерба Богослужа која започна во 17 часот во полн Манастир, а за утре е закажана утринска Богослужба. Вечерва за разлика од лани и преклани нема затворање на Кркардаш. Сите битолчани се радуваат на тоа што се искачени на Кркардаш, но најмногу се радуваме ние баирчани. Не беше затворен само Манастирот две години на овој ден, затворени ни беа и куќите, не можеа на гости за денот, да ни дојдат ни најблиските кои се излезени од овие куќи.По патот и скалите кои водат до манастирчето голема гужва, додека се качувавме голема гужва, но секој културно си чекаше во редица за да дојде до пред манастирот и дворот каде секој си наоѓа место.

Оваа година во дворот карактеристична слика на панаѓур, тезги  и за секого по нешто, во зависност од возраст. Најсреќни најмалите кои се радуваат детски и искрено и на најмала ситница.-Годинава според мене има најмногу луѓе на Кркардаш, а се како порано, пред короната, многу луѓе, панаѓур, Раде со “шеќерната волна“, само го нема големиот рингишпил, ни вели Ицо Тасевски.Во дворот,  Раде кој е тука триесетина години на исто место, кармелизирани пуканки, зашеќерени  јаболка… За најмалите интересни, а возрасните се потсетуваат на своето детство или младешки години кога доаѓале тука на Кркардаш првиот пролетен ден, се забавувале, се раѓала и првата симпатија или љубов… На оваа света вечер се будат спомени, но и се раѓаат спомени.Во Манастирот, свештеници од преспанско-палагониската епархија одржуваа богослужба, а голем број битолчано стрпливо чекаа да ја целуваат Иконата на светите маченици.-Ние од овој дел на Битола сме некако навикнати да бидеме секоја година на овој ден на Кркардаш. Две години не бевме тука, иако живееме на само стотина место под манастирот. Но, така беше што да се прави, но издржавме и сега сме тука на Манастир, на ова свето место за битолчани, а посебно за нас кои сме тука не само на овој ден, туку и многу пати во текот на цела година, ни рече Ивица Јаневски, од населбата “Ушици“.По вечерното бдеење  наутро на Кркардаш  ќе се одржи  Света божествена литургија, на која се очекува да има голем број на верници. Утрешниот ден ќе дојдат оние кои не дојдоа вечерва на Кркардаш, да запалат свеќа и да се помолат на Светите 40 маченици за здравје и среќа. 

Жанета Ристевска

More from БитолаMore posts in Битола »