Неодамна Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје ја објави најновата збирка песни „Убавите жени“ од македонскиот писател Зоран Пејковски.
Зоран Пејковски кој ѝ е добро познат на македонската книжевна сцена со голем број на квалитетни книжевни дела во повеќе области во македонската книжевност, неодамна во една од најреномираните издавачки куќи во Македонија, „ПНВ Публикации“ од Скопје од печат му излезе новата збирка песни „Убавите жени“. Рецензенти на оваа збирка песни се две големи и значајни авторки во македонската книжевна и научна мисла, а станува збор за проф.д-р Соња Стојменска – Елзесер и д-р Лилјана Пандева.За „Убавите жени“, проф. д-р Соња Стојменска – Елзесер ќе напише: „Стихозбирката „Убавите жени“ од Зоран Пејковски се базира врз традиционално – универзални проблемски јадра и комбинира архаична наративност, препознатлива како библиска поетичка линија, со богати поетски слики и метафори, и со ретки, но особено ефектни звуковно-значенски комбинирања на јазичниот материјал. Неговите поетски изблици во прв ред се доживуваат како сензуални и еротизирани, но во позадина избива продлабочена рефлексивност, која го поставува читателот пред низа прашалници и го повикува во мисловни авантури“.
Доктор Лилјана Пандева пак, за „Убавите жени“, која е една од најлиричните поезии во поново време ќе напише: „Иако по вокација драматург, се чини дека во „Убавите жени“ Пејковски успеал комплетно да се „нурне“ во поезијата. И тоа во чиста. Не дека во некои од овие песни го немаме драмскиот елемент (може ли каде што има жена да нема драма?!), но во „Убавите жени“ станува збор за чиста поезија. Како што всушност тој ја опишува и жената. Можеби насловот на збирката можел да оди во еднина. Затоа што сите песни се за жената. За една жена. Уште од нејзината прамајка Ева, тука наречена икона на универзумот“.
Инаку, Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, сценарист, поет, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година, а во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европска Унија.
Меѓу другото тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје. Автор е на над 20 драми дела, потоа над 20 збирки песни, 1 роман, 4 научно – истражувачки книги од театрологијата и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.