Press "Enter" to skip to content

“Звукот на различностите“ завршен концерт на проектот “Музичка синтеза“ на Музичкото училиште

Во Битола деновиве се одвива проект за размена на ученици помеѓу Државно музичко училиште – Битола и Музичко училиште “Стеван Мокрањац” од Пожаревац, Србија, проект каде младите ќе имаат можност да се претстават себе си, своите училишта и обичаи, и да научат нови работи за локалните заедници. Проектот е во организација на RYCO (Регионална канцеларија за младинска соработка) – меѓувладина организација, која има за цел да го промовира духот на помирување и соработка меѓу младите во Западен Балкан преку програми за младинска размена; што ја прави соработката различна од видот на екскурзии што обично ги прават училиштата; како и Програма Суперучилишта (Superschools) која претставува програма за училишна размена во Западен Балкан 6 со цел да се поддржат процесите за градење мир и помирување и меѓукултурното учење и дијалог.

Активностите започнаа кон крајот на 2021 година со повеќе онлајн средби, работилници и обуки со партнерското училиште, одговорни лица, претставници на Ryco – Superschools од Скопје и координатори од Западен Балкан. Одговорни лица за проектот од Државно музичко училиште се психологот, Нина Тасевска – координатор, проф. м-р Маја Митровска – музички координатор и проф. м-р Билјана Павлова – тим соработник.

Од 18-21 февруари 2022 год. во Приштина, Р.Косово, беше организирана обука за зајакнување на капацитетите во рамките на Програмата за размена на Суперучилишта на RYCO за 60 наставници од средните училишта од регионот. Тоа беше првата средба на учесниците, on site, и можност да градат врски на пријателство и да соработуваат заедно за развивање на нивните регионални планови за размена, а наш претставник беше проф. м-р. Билјана Павлова.

Дружбата во Битола со партнерското училиште, ќе се оствари од 21-26 март 2022 год, период во кој се планирани повеќе активности. За време на посетата предвидена е : Посета на стариот објект на нашето училиште; Посета со туристички водич на повеќе знаменитости и значајни културни споменици во градот, Завод и музеј – Битола, Куќата на Браќата Манаки, Офицерски дом, Старата битолска чаршија. После прошетката низ централното градско подрачје на Битола, историскиот локалитет “Хераклеа Линкестис”; Прошетка до Градскиот парк, градското шеталиште и Тумбе кафе каде преку дискусија и забавни игри, учениците ќе ги споделат нивните доживувања и ќе соработуваат, исти така ќе се одржи двочасовна работилница на тема “Стереотипи и предрасуди” предводена од нашиот училишен психолог, Нина Тасевска, а во соработка со нејзиниот колега од Србија, Немања Ѓорѓевиќ.  На дел од настаните ќе присуствува и координаторот за проектот од претставништвото на  RYCO од Северна Македонија, Тања Панева

За музичките активности за време на посетата е задолжена проф. м-р Маја Митровска. За дочекот на гостите од Србија е подготвен концерт на камерна музика каде учествуваат повеќе ученици од училиштето, и краток историски осврт на нашето училиште воден од проф.Марина Коруновска, по што следува автентична македонска трпеза за добредојде, а преку храната и амбиентот ќе биде претставена нашата традиција.

Меѓу музичките настани се: Работилница во склоп на предметот Музички фолклор, предводена од проф. Кирил Стојчевски; Интегриран час по предметите Џез и популарна музика и Музички композиции, воден од проф.Вангел Мажевски и проф. Кирил Мулоски, каде учениците ќе настапат со џез композиции; Работилница по Хармоника, под раководство на проф.Владимир Андревски; Работилница за Ударни инструменти, водена од проф.Зоран Ристевски, проф.Методија Мешковски и проф.Кирил Мулоски; Завршен концерт, каде нашите гости ќе се претстават со музичко дело-синтеза од српски, ромски и влашки мелос а потоа ќе се приклучат на нашите ученици за заедничкиот концерт – Музичка синтеза. Во чест на оваа соработка, по идеја на проф.м-р Маја Митровска е изработена оркестрација како музичка синтеза на четири музички композиции, која претставува премин од класичната во модерната музика. За оркестрацијата на ова дело беше задолжен проф.Вангел Мажевски кој воедно е диригент на концертот. Во изведба на делото, учество ќе земе училишниот хор (од наши и ученици-гости), за чии подготовки беше задолжена проф. Лилјана Трајковска Димевски; осум ученици на инструментите: флејта, кларинет, труба, ксилофон, добош, тимпани и контрабас, и музичка соработка на проф.м-р Никола Баљаревски. Овој настан воедно ќе биде и израз на благодарност кон нашите гости за целата соработка.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »