М-р Бојан Стефановски, директор на НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола на доделување на наградите за најредовните читатели во изминатата 2021 година, за 77 години постоење, која е формирана на 25 март, во далечната 1945 година и развој на библиотеката рече:
-Библиотеките поминаа голем пат од скромните почетоци на Месопотамски храмови на Сумерите, до најсовремените библиотеки кои прераснаа во мултикултурни центри. Нивната трансформација можеби најдобро се гледа во компетенциите кои што секојдневно ги превземаат во областа на научно-истражувачка работа и процесот на доживотно учење. Дигиталната технологија постојано ја менува средината за учење со воведување на современи читачи, 3Д пeчатари, електронски извори и технологии наменети за управување со растечки број на информации.
Просторно решени на современ начин, флексибилни и иновативни во понудените програми библиотеките се поставени пред предизвикот на организација и складирање на огромен број библиотечната граѓа, на се позахтевни репозиториуми, навики и хобија на населението. Miguel Figueroa, директор на Америчка Асоцијација на Библиотеките и Центарот на иднината на библиотеките, ја истакнува „новата улога на библиотеката насочена кон искуства на заедницата во која делува, вклучувајќи ги трендовите во ангажирање на јавноста и пристапот кон многу поголем опсег на библиотечни услуги.
Од своето основање во далечната 1945 година, каде на 25 март се формира со решение на Градскиот народен одбор со името Градска народна библиотека во Битола, таа многу пати го менувала своето име како градска, матична, за денес да го носи името на Национална установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Битола сместена во многу различни објекти и простори со различен број на вработени. Својата универзитетска функција ја има од самото основање на Универзитетот во Битола и до денес активно учествува во поддршка на наставата преку различни активности наменети за студенти и професори.
Во однос на просторот постојано се проширувала секогаш следејќи го развојот на библиотекарството на начин и можности кои биле примерни за тоа време. Но она по што секогаш беше препознатлива во градот се нејзините библиотекари кои своите професионални компетенции ги ставаа пред граѓаните на Битола. Во тие години печатениот материјал беше доминантен, така што и бројот на читатели беше навистина голем. Со развојот на просторот и кадарот напоредно се развиваше и библиотечната дејност, се воведуваа нови содржини и програми, се реализираа нови и се покреативни проекти.
Бројни се организираните промоции, трибини, семинари, работилници, различни по теми, а уште повеќе по организаторите кои најчесто беа од областа на образованието и културата. Само да ги споменеме проектите и активностите кои во нашата институција се организираат десетина години наназад со несмален интензитет, како што се средбите на писатели под наслов „Роднокрајните средби на писатели“, креативни работилници за деца, Саеми на книги, изготвување на персонални библиографии, следење на културните настани, обработка на Битолскиот весник и др. Библиотеката се појавува и како издавач на повеќе стручни и литературни изданија, а за промоција на своите активности повеќе од една деценија излегува списанието „Библиотечен тренд“. Дозволете ми да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Министерството за култура за нивната континуирана доверба и поддршка во сите овие изминати години кои ја имат во нас.
Во поново време партнери на Библиотеката освен предучилишни установи и училишта од сите степени на образование се и невладините организации со чија помош актуализираме програми поврзани со екологија, креативни уметнички и занаетчиски ракотворби, здравствени и информативни програми, програми за сите возрасти. Во поново време сме партнери во различни Еразмус проекти, и координатори на проекти за што особено сме задоволни и на ова поле. Прва библиотека во нашата држава која реализира Еразмус проекти.
Особено ги истакнуваме библиотечните проекти и активности поврзани со лица со попреченост и маргинализирани групи на граѓани. Нивната инклузија е приоритет за нашите програми, и поради тоа постојано сме во контакт со лица кои имаат проблем со вид и слух, особено со најмладата популација, за да ги прилагодиме нашите програми кон нивните потреби.
Како општествено одговорна институција поттикнуваме соработка и опремување на простори со книги каде за тоа има потреба, тоа се болница, старски домови, затворска читална, пензионерско здружение, помали збирки во рурални средини итн. Инициравме и во фаза на имплементација се програми за хортикултурни и зелени библиотеки, исто како и дигитализација на библиотечната граѓа и културното наследство. Веќе приредивме дигитална колекција на разгледници од Битола и Северна Македонија која што наскоро ќе биде целосно обработена со дата податоци, и тоа ќе биде уште едена интерактивна програма за нашите граѓани.
Во 21 век кој е век на информации, дигитализација и автоматизација во сите полиња на човековиот опстанок. Автоматизација на библиотечното работење започна во деведесеттите години на минатиот век и продолжува до денес. Од првите терминали, работни станици па се до современи десктоп компјутери и сервери со огромен простор за прибирање на само дел од универзумот на дадени информации, библиотеката низ своето 77 годинишно работење денес поседува најсовремена информатичка опрема. Со воведување на COBBISS програма во библиотечното работење ја започнуваме и новата ера на современ начин на работење. Денес сме единствена библиотечна институција која што ги има имплементирано сите сегменти од автоматизација на библиотечното работење, а нашите каталогизатори постојано ја збогатуваат базата на обработена библиотечна граѓа со нови наслови.
Сите наши активности се транспарентно претставени преку ВЕБ страна на библиотеката и социјалните мрежи. Се грижиме за медиумска покриеност на Библиотеката и постојано сме присутни во јавноста, укажувајќи на важноста и местото на библиотеките во нашето општество. Секако дека проблемот со брзо застарување на технологијата е проблем со кој постојано се соочуваме, но она што е можеби најдрагоцено во менаџирањето на овој тип на институција е вложување во професионализација на кадарот и структурната нова организација на библиотеката преку сектори и одговорни раководители. Вработените во библиотеката постојано се надоградуваат, посетуваат обуки и семинари, учествуваат на конференции со стручни трудови и се препознаени во библиотечната јавност како вредни и посветени библиотекари.
Но секако овој пресек на развојот на библиотечната дејност на нашата институција за период од 77 години не би бил потполн доколку не ги споменеме и оние за кои всушност работиме, а тоа се нашите членови, нашите корисници – сите граѓани без оглед на возраста и било која припадност. Впрочем и денешното одбележување на 77 годишнината од основањето на НУУБ “Св. Климент Охридски” – Битола го посветуваме токму на вас почитувани наши читатели. Чекориме заедно во новиот милениум, внимателно ги ослушнуваме вашите сугестии и идеи, читаме, се дружиме, квалитетно го поминуваме времето и заедно ја менуваме заедницата.
Библиотеките се вистински места!