Press "Enter" to skip to content

Некогаш и денес: Илија Ѓорѓиевски – Бајче: бадијала ти е се во животот, ако немаш вистинска мотивација, а исто е и во боксот (фотогалерија)

Жанета Ристевска

“Некогаш и денес“ рубрика за наши пријатели, комшии, успешни луѓе од Битола, оја пробуди голем интерес, моите соговорници  низ сеќавања  ја раскажуваат  својата успешна животна приказна. Тоа се личности од различни области и професии кои биле активни и твореле во последните декади на минатиот век и почетокот на овој во нашиот град, во Битола. Би сакала нивното дело, искуства и мудри мисли бидат  инспирација и поттик за денешните генерации. Низ нивната приказна со многу емоции, носталгични чувства, се враќаат во младоста, на почетоците од својата кариера. При тоа опишувајќи одреден период и други личности кои оставиле печат за едно време. Во Некогаш и денес разговор со Илија Ѓоргиевски – Бајче кој не врати во златното време на боксот во Битола, во Македонија и СФРЈ. После 1960 година  СФРЈ беше меѓу 4 земји најдобри во спорт бокс меѓу СССР, САД, Кина, Данска. Тука беа боксери од светски ранг на Мате Парлов, браќата Качар, Марјан Бенеш. Со тоа и најпопуларен спорт. Во тој период некаде после 1965 година голем  број боксери тренираа и ги бранеа боите на репрезентација на Македонија. Илија Ѓорѓиевски кој битолчани  го знаат како „ Бајче“  беше дел од таа историја која се испишуваше за овој спорт  во Битола и Македонија.64 натпревари во боксерскиот клуб „Работник“ Битола на републички првенства и околу 20 за македонската репрезентација на државни првеснтва, на Златна ракавица, Београдски победник… На  кои само 3 порази и неколку нерешени. Фотографии од тој период повеќе од зборови сликовито раскажуваат приказна за златното  време на боксот во Битола и Македонија. Многу  медали: златни, сребрени, бронзени, плакети, златни ракавици на кои може да се гордее нашиот соговорник. Сопстевник на првите модни бутици во Битола „Татајна“, „Нони“ „Мишел“и многу други за трговија низ битолската чаршија.Со фотографиите кои деновиве ги бараше дома и со разговорот го вративме во неговата младост, кога започна… на свои 15 години од лудост, заради љубов, но со голема мотивација. Како што и кажа “Бадијала ти е се, ако немаш вистинска мотивација“. Фотографиите кои ги донесе со себе  раскажуваат една успешна приказна која ја започна вака…-Роден сум во Битола.  Со спорт започнав да се занимавам некаде на 15 години, најпрво  гимнастика. Одев на гимнастика некаде околу една година во ДТВ „Партизан“ тука започнаа Џингисот, Бизонот, Сајкалот со таа група. Еден мој другар започна да тренира бокс, одев со него на тренизни и така започнав и јас да тренирам. Младост, лудост, храброст не привлече борба, натпревар, но бевме фер играчи.  Васко Бомбардикос беше тренер, а трениравме во малата сала за бокс која се наоѓаше долу, во паркот. Тоа беше некаде 1965 година кога во тој период боксот после ракометот беше најпопуларен спорт во Битола.  Салата за бокс беше мала за боксерите кои тренираа таму секојдневно. Можам слободно да кажам дека во Македонија немаше толку боксери, колку што имаше во Битола. Ги имаше  јуниори, сениори, младинци и од сите категории во боксот. Во една категорија имаше и по 4 боксери. Јас боксував во јуниори  лесна, а подоцна преминав  во перу лесна и велтер категорија, една категорија погоре во сениори. Почнав на 15 години, тренирав редовно и после 3 години на свои 18 стигнав во првиот тим. Можем да кажам дека имав голема желба и мотивација за тренирање.Златно време на боксот во Битола и првите медали на натпревари за македонската јуниорска репрезентација …

-Во годините 1965/66 година тоа беа првите медали не само за Битола туку и за Македонија, тогаш за  јуниорската реперзентација на Македонија. После победи на републичко првенство најдобрите боксери од Битола, Скопје, Куманово  отидовме на Државно првенство за јуниори како македонска репрезентација. Од Битола само јас и Васко Василевски. Државно првенство во бокс се одржуваше во Апатин, Војводина. Поминавме од шеснаесет финале, преку четврт, полу финале и  стигнавме се до финале со сите победи, само ние од Битола. Во финалето изгубив и освоив сребрен медал за јуниори во лесна категорија. Битолчанецот Васко Василевски освои злато. Наредната година повторно на  Државно првенство кое се одржуваше во Темерин, Војводина Србија. Од Битола отидовме јас, Васко Василевски и Пеце Ивановски – Петлето. Стигнавме од финале јас и Васко Василевски освоивме злато, а Петлето сребро.Прва Златна јуниорска ракавица и  „Плакета за најбрзо освоена победа“

-Во јуни, таа година, се одржуваше првата Златна јуниорска ракавица и бевме поканети боксери од битолскиот боксерски клуб  Работник. На натпреварувачка манифестација имаше и боксери од сите републики и покраини  на СФРЈ, но и  боксери од соседните држави Румунија, Маџарска и Бугарија. Најдобрите боксери беа тука. На оваа златна раквица се сеќавам живо… Имено боксерот Васко Василевски имаше многи добра борба во рингот не се сеќавам на името на боксерот, но иако подобар изгуби. Можеби оваа „неправда“ ме поттикна. Тренерот исто така повеќе пати “Мораш да го нокаутираш!“ Одговорив  и јас сакам, ама ќе видиме. Излегов на рингот, мало испитување кој е подобар и веднаш штом почна 2 рунда  го нокаутирав.  Комисијата која прогласуваше ми додели „Плакета за најбрза победа“, а „Плакета за најдобар боксер“ ја освои познатиот боксер во тоа време Карадаревич.Со  репрезентацијата на Македонија на 29 јули /август 1966 година  отидовме во Пула. Таму боксуваа боксери од цела СФРЈ од ранг на Мате Парлов и други. Тоа ми беше првиот меч во сениори. На ова првенство на финалниот меч, имаше случка кога другиот боксер уште на почеток на поздравување ме нокаутира. За тоа доби забрана да боксува званично одреден период, но мене ми остана во лошо сеќавање како нефер, потоа не му останав должен, но живо се сеќавам на тоа. Потоа следуваа и учество на „Белградски победник“ и на уште многу други мечеви во македонска лига 2 сениори и БК Работник од Битола. Се до 1979 година кога престанав заради заминување во Австралија.Период 1965 – 1979 година и златно време на боксот за тебе и битолскиот БК Колку вкупно натпревари и освоени трофеи… Кажете ?

-Како што кажав во тие години после 1965 салата боксерската сала беше преполна со  боксери. Ќе споменам некои имиња  кои во тоа време тренираа и освојуваа трофеи, во своја категорија. Во бантам Керимов Асим, перулесна Костов Владо Пупучот, лесна Васко Василев полувелтер бев јас, Велтер Љупчо, полусредна Таше, потоа браќата Робеви, во тешка Пеце Змејот. Можеби некое име заборавив да споменам. 64 натпревари во БК Работник околу 20 за репрезентација со 3 порази, нерешени и многу медали златни, сребрени, пехари,плакети златни ракавици. Прекинав во 1979 година и  заминав во Австралија, а и сите од клубот, останаа двајца или тројца во Битола.

Заминување во Австралија на печелба…

-Во 1979 заминав за Австралија, Мелбурн ме зеде мојот стрико. Првите 4 месеци не сакав да боксувам бидејќи требаше да работам, за да си го исплатам заемот. Имено сметав дека најпрво треба да му исплатам на мојот стрико кој ми ја плати картата која беше 420 долари австралиски и 1.000 долари, кои ги пратив во Македонија на фамилијата за изградба на куќата. Заради тоа потребно беше да работам многу сати и не боксував. Кога му исплатив и таму боксував кратко, во борби во ринг кои се плаќаа: победа 50 долари, нерешено 40 долари. Тоа беше добра заработка, кога неделно платата  беше 40 долари. Потоа отидов и во професионален клуб, некое време, но работата ми одземаше многу сати и не можев да се посветам целосно на спортот.Враќање од Австралија и боксерска кариера…

-После две години, од 1979 – 1981, година поминати во Австралија се вратив во Македонија. После враќањето ме бараа неколку клубови за да боксувам во клубот од Куманово кој боксуваше 1 лига, потоа и од Србија, но бидејќи цела фамилија ми беше  во Битола останав тука. После враќањето од Мелбурн продолжив како тренер да му помагав на Васко Бомбардикос, но понекогаш кога требаше боксер и јас упаѓав во ринг. Потоа престанав до пред 10 години кога се оформи БК Бранител во Битола и Саше Гарабиљевиќ ме побара како тренер, отидов таму, ги носевме со автомобили боксерите на борби каде што требаше. Заради причини кои се и во други спортови, сметав дека не треба еден клуб да функционира така и престанав.Отварање на првите бутици за облека во Битола  “Татјана“, “Нони“ “Мишел“.

-Најпрво продавав фармерки, на рака во пазарот. Така беше се додека не се дозволи да се отворат приватни бутици. Во 1987 година го отворив првиот бутик “Татјана“ по името на мојата ќерка. Во пазарот и сигурно многу битолчани се сеќаваат. Имено дотогаш обично се одеше на шопинг Грција, Турција по модерни парчиња. Бутиците беа модерно опремени со квалитетна роба од Италија и се имаше тука. Тоа го направи бутикот познат и популарен, заради потребата бидејќи многу добро тргна работата, го отворив и вториот бутик “Нони“ според името на мојот син. Бутикот “Мишел“ го отворив на друга локација кај киното “Трудбеник“. Потоа сите години понатаму се занимавав со приватен бизнис трговија. Покрај модните  бутици за облека, отворив и дуќан за теписи, високо квалитетни и скапи од Тајланд. Следните години  отворив и неколку дуќани за метража. Откако заминав во пензија, официјално, му помогнав на синот за отворање на златарата и започнаа со работа мојот син Нони со својата сопруга, а им помагаше мојата сопруга. Тие и до ден денес се занимаваат со овој бизнис, јас само одам да ги посетам на кафе.Пензионерски денови…

-Денес востински уживам во пензионерките денови, доаѓам на кафе муабет тука во градската кафеана во “Епинал“. Времето го поминувам со внуците кои се мојата радост, потоа и цела моја фамилија. Сметам дека имам доволно за да уживам во овие пезионерски денови.Илија Ѓорѓиевски Бајче низ целиот разговор зборуваше, смирено, низ хумор за некои случувања од минатото. Низ фотографиите кои ни ги покажа се врати во својата младост, лудост како што ни рече кога си храбар и кога ти се чини се е можно. Но, него младешкиот дух не го напуштил, облечен трендовски, модерни фармерки, патики со интересен златен прстен “версаче“, изгледа светски и многу помладо од своите 74 години. Секојднево ужива во своето кафе на Широк Сокак со сеќавања за својот живот исполнет со победи, порази, предизвици но со храброст.  За кои може со гордост да раскажува многу анегдоти и вистински приказни на сите, а најповеќе на своите внуци.

More from БитолаMore posts in Битола »