На “зоом“ платформата се одржа предавање на тема „Женско здравје“, предавач беше д-р Владко Ѓорѓиевски – специјалист гинеколог и акушер, предавањето го организираа НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола и Здружението за развој на ромската заедница “Сумнал“, а целта на предавањето е да се подигне свеста за женското здравје.
Потребни се бројни отворени дискусии и зборувања во име на жените, на јазик близок за секоја жена независно од нејзиното образование и писменост. Здравјето на човекот е од непроценлива важност и главен предуслов за квалитетен живот од секаков аспект. Женското здравје претставува состојба на емоционална, социјална, културна, душевна и физичка благосостојба на жените, која истовремено е детерминирана од нивниот општествен и економски статус, како и од нивните биолошки карактеристики.
Жените имаат право да ги уживаат највисоките достапни стандарди на физичко и ментално здравје. Уживањето на ова право е витално за нивниот живот и добросостојба, како и за нивната можност да учествуваат во сите полиња на јавниот и приватниот живот.
Докторот Ѓорѓиевски зборуваше за важноста на прегледите, на колку време треба секоја жена да посети гинеколог, мерки на заштита од несакана бременост и преносливи болести, ехо прегледи и пап тестови итн.
Инаку, д-р Владко Ѓорѓиевски е дел од тимот на гинеколози-акушери во болницата „Плодност“, кои со своето работно искуство и возраст припаѓаат на средната генерација доктори. Покрај стручноста, д-р Ѓорѓиевски е надалеку познат по својот пристап кон пациентите, односно пациентките, поради неговата непосредна внимателност.