Денес во Нашице, ќе се игра елиминационата фаза во Европската лига, второ по ранг натпреварување во Европа, а противник на Еурофарм Пелистер е екипата на домаќинот Нексе Напице. Еурофарм Пелистер, по дербито со Вардар, не се врати во Битола, продолжи за Нашице, каде веќе е два дена и синоќа го одржа последниот тренинг пред денешниот натпреварот. Расположението во таборот на Еурофарм Пелистер е на високо ниво, пред сè заради одличната форма и големата победа над Вардар од пред неколку дена, но простор за опуштање нема, бидејќи двомечот со хрватскиот вицешампин е од големо значење за амбициите на клубот.
Жељко Бабиќ на располагање ќе ги има истите ракометари со кои отпатува за Скопје, а единствена дилема е само настапот на капитенот Јосип Периќ, кој по повредата сè уште не е целосно подготвен за враќање на терените, а вели:
-Се одлучивме да го подготвуваме натпреварот против Вардар и тоа добро испадна. Сега имаме три дена да се одмориме, да се подготвиме дефанзивно и офанзивно, да видиме кои карактеристики ги има Нексе. Треба побрзо ментално да се одмориме и со истата енергија и желба да се обидеме да обезбедиме што е можно подобар резултат. Нексе е добра дефанзивна екипа и тркачки добра екипа. Веќе имавме еден натпревар против нив, тоа беше добро искуство, Верувам дека ќе се одмориме, ќе се припремиме и ќе бидеме спремни на нивното брзо трчање, на неговиот брз центар и на агресивната одбрана, вели тренерот на македонскиот вицешампион.
Матео Мараш верува дека, и покрај тешкиот дуел против Вардар 1961 во саботата, пелистерци се спремни за предизвикот и вели:
-Се подготуваме за Вардар и добро се подготвивме и ништо помалку не очекувам и за дуелот во Нашице. Спремни ќе бидеме и ќе оставиме срце на терен. Нексе е незгоден ривал, имаат добра транзиција, цврсти се во одбрана, играат на многу голови и тоа се некои работи кои треба да им ги затвориме за на крајот да победиме.
Натпреварот Нексе Нашице – Еурофарм Пелистер започнува денес во 18:45 часот.