Владата ги прифати предлозите за олеснување на ковид мерките, кои минатата недела ги одобри Главниот кризен штаб. На два и пол месеци пред крајот на школската година, учениците од основно образование ќе можат да дишат без маски на часовите. Оние ученици кои сакаат, ќе можат наставата да ја следат со маски на лицето.
Оваа одлука не важи за наставниците и другиот училишен персонал. Тие и понатаму ќе мора да носат заштитна маска во затворените простории на училиштето. Обврската да носат маски, останува и за средношколците и за студентите кои со физичко присуство посетуваат настава.
Олеснувања на мерките има и за угостителите. Максималната исполнетост на затворените ресторани, барови и дискотеки се зголемува од 50, на 75 проценти, а на гостите кои сакаат да седат во отворените делови на угостителските објекти, повеќе нема да им се бара сертификат за вакцинација. Таа обврска останува за влез во затворените угостителски објекти.