Еурофарм Пелистер во вторник во Битола ќе брка разлика од -3, а за да се пласира во 1/4 финалето од Европската лига ќе мора да победи со +4, по синоќешниот пораш во Нашице, Хрватска со 29:26. Тренерот Жељко Бабиќ на официјалната прес конференција по натпреварот рече дека е задоволен како играле и разликата можеше да биде помала. Бабиќ рече:
-Убаво ни беше тука во Нашице во претходните три дена, гостопримството беше на високо ниво. Видливо беше дека енергетски многу се потрошивме, имавме многу проблеми со ротацијата, што во првиот дел беше видливо. Игравме многу „еден на еден“, а не остварувавме предност во дуелите. Во вториот дел малку ја засиливме агресивноста и движењата. Се доближивме до -1 и имавме ракометар повеќе, па промашивме седмерец и противникот ни даде гол во последната секунда. Мислам дека ова е добар резултат за Еурофарм Пелистер. Сигурно дека добро ќе се одмориме, в сабота имаме натпревар од домашното првенство и веќе во вторник играме за четвртфинале. Моите играчи покажаа јако срце и карактер и задоволен сум од нивното издание.
На прашање на новинарите Бабиќ рече дека е среќен во Битола и сонува освојување на титула во македонското првенство:
-Спортот е убав затоа што некогаш номинално послабата екипа може да ја победи подобрата. Видовме што се случи и со фудбалскиот натпревар меѓу Италија и Македонија. Ние веќе остваривме многу цели, убаво ни е заедно, се забавуваме, уживаме и без разлика како ќе заврши сезоната, ќе ни остане позитивна во секој аспект. Не сме оптеретени, но кога ќе дојде тој натпревар со Вардар 1961 ќе размислуваме. Нашата екипа е карактерна. Заедно со нашите фантастични навивачи сме појаки, но, публиката не пресудува. Не пресуди ни во Скопје во саботата. Јас сум опуштен, веќе поставив рекорд во Битола – останав тренер две години. Да можам да бирам, секако дека би избрал шампионска титула. Градот живее за ракометот, тренираме, работиме и убаво ни е заедно.