На просторот кај старата касарна во Битола, под Тумбекафе, вчера на свечен начин со ставање на камен темелник започна изградбата на новиот старски дом “Св. Пантелејмон“, а за брзо ќе започне изградбата на вториот старски дом. Инвеститори на оваа инвестиција се компаниите “Премиум пиво“ и “Атик инвест“ од Битола.Александар Талевски на свеченото започнување на изградбата на старскиот дом рече:
-Подготовките за изградба на новите старски домови се започнати поодамна, некаде во 2014 година, а во тој период беа изготвени проектите, обезбедена локација, подготвена документација и проекти, а денес ја започнуваме изградбата на старскиот дом “Св. Пантелејмон“. За брзо ќе започне изградбата и на вториот старски дом, а заедно во двата старски дома ќе има 160 легла. Заедно со новиот старски дом кој веќе е во завршна фаза во Битола на друг инвеститор, ќе има вкупно 260 легла, што сметам дека ќе бидат доволни капацитети за пензионери во идниот период. Инаку, проектот е на инженер Јован Матевски.
За тоа што ќе им понуди на идните корисници на новите старски домови Талевски вели:
-Старските домови ќе бидат изградени и опремени според правилниците кои ги има изработено министерството за труд и социјала и од тоа нема отстапување. Можам да кажам дека сите соби и целиот простор во старскиот дом ќе бидат опремен со сите најнови светски стандарди за уредување на старските домови. Тука сите најнови технологии ќе бидат имплементирани и ќе им бидат од помош на корисниците, веќе идната година, кога и ќе завршат сите градежни работи, во март-април идната година.
Според Талевски покрај за битолчани старските домови ќе бидат “отворени“ и за сите од регионот, за нашите иселеници. Како додава веќе има контакти со наши иселеници кои сакаат тука да бидат нивните родители, а капацитетот ќе можи да одговори на сите барања.
Инаку, овие на инвеститори “Премиум пиво“ и “Атик инвест“ од Битола не им е прва инвестиција во касарната, а веќе градат станови.
-Во изградба се 260 станови на локација во старата касарна, а ние веќе размислуваме за идната инвестиција. Кај спортската сала во Битола ќе се гради хотелско трговски деловен комплекс на површина од 20.000 метри квадратни на 4 ката, кој по завршување на подготвителните работи, очекуваме да започнеме со градба некаде на есен.
С.Ристевски