Press "Enter" to skip to content

Тумбекафе над Битола: доктор Рашко и екипата ја расчистија патеката, свлечиште над анфитеатарот, крилата на авионот ќе “летнат“ на отпад, “Комуналец“ постави корпи… (фотогалерија)

По зимскиот период, а посебно поради високите снежни врнежи, рекреативците од Битола рутинската тура ја “правеа“ до зоолошка или до анфитеатрот, односно до таму каде е новата асфалтна патека или по патеката поплочена со бехатон плочки. Сега по затоплувањето се искачија погоре, низ ридот над Битола, Тумбекаде, до радарот, до Смолево, кај авините… Околу стотина битолчани секојдневно се над Битола, на Тумбекафе, а таму си прикажуваат, се сеќаваат на минатото, бистрат политика…Но, искачувањето до местото каде беше поставен големиот радар на ЈНА, една патека беше прекината по паѓањето на два стари, исушени борови. Рекреативците се мачеа да поминат оттаму, или бираат нова патека, коментираа и негодуваа, кај е “Комуналец“, кај е “Нискоградба“, кај е Општината, кај е градоначалникот, чекаа некој од некаде да ги пресечи боровите и да ја ослободи патеката, а не сакаат ни да пријават.Додека десетици битолчаа кукаа и негодуваа екипата пензионери каде е лекарот Рашко Наковски, познатиот уролог од Битола, тоа го направија со рачна пила. Тие ги исекоа двата бора, ги преместија стаблата по страна, ги исчистија гранките и ја наравија патеката проодна. Потег за пример на сите, но и за срам на сите кои негодуваа, кукаа, и чекаа некој друг да го направи тоа. Кај овие наши битолски пензионери се покажа дека општествената одговорност е голема, а грижата за природата, која сите ја посетуваме голема, за разлика од останатите кои не знаеме дали ја имаат, а потоа да ја мериме.Но, на Тумбекафе се наоѓа и летната сцена, анфитеатарот, до кој се стига по бехатон патеката, на стотина метри од зоолошката градина. Над анфитеатарот има свлечиште од земја, која веќе е падната на местата за публиката, а тоа секако претсавува опасност за оние кои се тука, но и за оние кои пешачат над анфитеатарот. Оние кои пешачат од другата страна на Тумбекафе, кај Џепането или како битолчани сега викаат кај авионите, секој ден гледаат како полека се распаѓаат двата стари американски авиони, а деловите се расфрлани околу нив. Но, задните крила се веќе извадени и транспортирани на стотина метри по патеката од калдрма.-Некој ги подготвил и сега се поставени на место, од кое крилата ќе “полетаат“ кон некој отпад за старо железо, каде се откупува алуминиум. Жално е дека се растурија авионите, но сега е доцна, според мене нема начин да се поправат, најдобро да се тргнат да не се повреди некој, сега трупот на авионот е опасност, некој да не се исече на металот, ни рече Диме кој секој ден е тука на Тумбекафе.Но, дека сите кои пешачат тука не прават зијан е она што го забележавме кај клупата на патеката од каде се гледа кон Грција. Околу клупата која ја поставија групата “Везден млади“ немаше ниту едно ливче хартија, а екипи на “Комуналец“ поставија нови корпи за отпадоци, во кои има вреќи за ѓубре, кои најверојатно некој ќе ги празни. “Комуналците“ си ја завршија работата, а на нас кои сме на Тумбекафе секој ден останува да ја чуваме околината која да посетуваме и уживаме во неа.Иако Тумбекфе не е уредувано никогаш по напуштањето на војската, и сите објекти сега се само страшни руини, сепак е омилено место на битолчани за рекреација. Тука битолчани ор разни востасти пешачат, возат велосипеди, вежбаат во фитнес зоната, уживаат по погледот, трчаат по патеките, а сите треба да го следат потегот на пензионерите, бидејќи само така ќе го зачуваме за нас и за нашите наследници.

С.Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »