Press "Enter" to skip to content

Нова душа на “Ако одам во Битола“ на Калица, во преработка на Благојче, Димитар, Сара… (фотогалерија + видео)

Вечерва во големата сала на Центарот за култура во Битола беше промовирана новата преработка на песната “Ако одам во Битола“ на авторот Петар Георгиевски – Калица, која за многумина е најубавата песна во која се опејува Битола, а припаѓа на поновата музичка историја.Музичката преработка на оваа песна ја направи маестро Благојче Трајковски, ја отпеа Димитар Андоновски, сето тоа надополнето со звуците на харфата на Сара Мејс, во придружба на  групата “Фонтана“ од Битола и Камерниот оркестар на Битола.Песната е напишана во 1989 година, а да се преработи оваа песна значи вложување на големо музичко искуство, посебна емоција и љубов кон Битола. Но, кога ќе се соберат на едно место професионалци, како што се маестро Благојче Трајковски, Димитар Андоновски, Сара Мејс, група “Фонтана“ и Камерниот оркестар, тоа не само што е возможно туку е и одлично направено.Песната ја отпеа Димитар Андоновски, аранжманот е на маестро Благојче Трајковски, тука е солистот на харфа Сара Мејс, а видеото е на “Веста Продукција“ од Битола, а Андоновски на почетокот на промоцијата рече:-Сакам на почетокот да упатам благодарност до сите кои сте тука, на овој за нас значаен чин. Кога се промовира нова песна е како да ни се раѓа ново дете. Се надевам дека сите кои бевме вклучени во овој проект се чуствуваат како мене, возбудено и имаат голема трема. Би сакал најпрво да му се заблагодарам на човекот кој ја напиша оваа песна “Ако одам во Битола“, песна која може да се прогласи за  нова химна на Битола. Таа се пее и надвор од Битола, секаде во светот, на секој концерт, и додаде:-Но сакам лично да му се заблагодарам од име на сите на Калица и за тоа што ни дозволи да дадеме свој придонес, дел од нашата душа, и се надевам дека ќе продолжи да живее уште многу долго. Во овој проект многу музичари креативно се вложија и помогнаа да се реализира. Респект за нашиот битолчанец маестро на кларинет Благојче Трајковски кој ја направи оваа преработка и направи прекрасен аражман, каде спои повеќе музички стилови во едно музичко парче. Ова песна ги поврза енергиите на сите кои учествуваа, а тука се покрај Благојче, Сара Мејс, групата Фонтана, камерниот оркестар. “Веста продукција“ која го направи новиот спот.Спотот е снимен во реновираниот Офицерски дом. Ова е прв спот снимен таму, за нас во еден специјален момент, а костимографијата е на Андреј Папаз.

 Битолската култура и традиција се чувствува уште при слушање на првите стихови и кадри од првите секунди од спотот. Благојче Трајковски на вечерашната промоција на песната и спотот рече:-Многу сум возбуден вечерва и сакам да ви се извинам за мојата емоционална состојба. Сакам да искажам задоволство што, како се вели од еден муабет, се собравме да промовираме нешто многу убаво, многу значајно што ќе трае долго време. Сакам да му искажам благодарнист на Калица што на сите нам ни остави вакви убави песни, а ние како друга генерација се трудиме да ги искористиме нивниот труд. Ние сме тука сите да покажеме почит кон сето тоа, а тоа ќе не води и понатаму бидејќи во Битола е најпрекрасната публика која заслужува вакви убави вечери. Сите музичари оставија дел од својата душа и дел од своето срце во оваа преработка, а се надеваме дека публиката тоа ќе го почуствува кога ќе ја слуша песната и ќе го гледа спотот.Благојче Трајковски при тоа искажа голема благодарност до  Сара Мејс која единствена, не е од Битола во овој проект. Таа ја прифати поканата и даде се од себе, а со својата харфа и даде  посебен белег на песната “Ако одам во Битола“.Сара Мејс на сцената во големата сала во Битола рече:-Задоволсвото е мое бидејќи една случајна средба се претвори во соработка и задоволство ми е што сум дел од оваа песна. Идејата на Благојче како да звучи харфата во неговата замисла на аражманот за мене беше посебен предизвик, а се надевам дека сум најблиску до неговата идеја со мојата изведба. “Слаба“ на Битола, имам тука кумови, пријатели, убав град, и да не должам многу, им  благодарам на сите за тоа што вечерва се чувствувам прекрасно во Битола пред оваа публика и пред промоцијата на песната и спотот.На промоцијата беа голем број на музичари кои ја поздравија оваа идеја, а на крајот Димитар Андоновски и Благојче Трајковски пред присутните ветија дека ќе одржат голем солистички концерт во Битола  кон крајот на годината.

Ж.Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »