Press "Enter" to skip to content

Деновиве пред 10 години: започна рушењето на стариот старски дом и изградбата на новиот

-Пролетта 2012 година започна рушењето на стариот старски дом “Сју Рајдер“ во Битола кој се наоѓа на улицата “Илинденска“, или како битолчани го викаат над Бањата и се започна комплетната реконструкција, односно, поточно, изградба на нов старски дом, започна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство.

-Претходно, продолжи Миновски, се преселија сите штитеници на овој старски дом во хотел “Битола“, а таму беа се до завршувањето на градежните и занаетчиските работи во новиот старски дом, кој сега е далеку поубаво место за престој на нашите највозрасни сограѓани. 

Стариот старски дом “Сју Рајдер“ битолчани го паметат како две поединени бараки на еден кат, во кои во едната беа сместени лицата кои можеа да се движат, а во другата оние кои имаа потешкотии  или не можеа воопшто да се движат. Стариот дом имаше капацитет за 13о лица, а сега има повеќе, вкупно 190, секако со многу подобри услови за живеење, модерна опрема, убаво уреден парк. Сега по изградбата на новиот, Битола има модерен старски дом според сите стандарди, сега на површина од околу 2.500 метри квадратни.

Старски дом беше изграден со пари од Европската унија, наменети за ваква заштита на граѓаните, а според она што го слушаме од нашите сограѓани таму има ред на чекање. Се надевам дека со пуштањето на новиот приватен старски дом кој е скоро завршен и со изградбата на новиот кој започна да се гради, тој ред ќе го нема, а повозрасните битолчани ќе имаат не само заштита туку и избор каде ќе бидат сместени.

More from БитолаMore posts in Битола »