Вечерва во музејот, галерија и ателје “Ранко Струмениковски“ во Битола беше отворена изложбата насловена “Nexus“ на четворица млади ликовно уметници, матуранти од гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола.Станува збор за средношколците Анастасија Јанкуловска, Ангела Дуковска, Анушка Симјановска и Антон Гагачев, а на отворањето на изложбата беа присутни нивните соученици, професори и пријатели.
На изложбата зборуваше нивниот професор по ликовна уметност, Александар Поповски, кој им честита на нивната прва заедничка изложба, ја пофали нивната работа и им посака успех во иднина.
На изложбата зборуваше ликовниот уметник и критичар Владо Ѓоревски – Рафик, кој рече дека му е посебно драго што има чест да зборува на изложба на млади ликовни автори од Битола, гумназијалци, тоа значи само едно дека уметноста ќе продолжи да живее во Битола, а тоа што четворицата се матуранти за нив е плус во одредување на нивната понатамошна кариера.
-Тука во оваа музеј галерија на едната страна се наоѓаат делата на нашиот познат ликовен уметник Ранко Струмениковски, а од другата страна делата на овие млади автори, кои сега ја почнуваат нивната уметничка кариера. Само уметноста може на едно место да го соедини иднината-делата на младите и минатото-делата на Струмениковски.
Во име на младите уметници за искажаните убави зборови за нив и за честа која им ја направија сите кои беа на отворањето се заблагодари Анушка Симјановска, а изложбата ја отвори Драган Ристевски. На отворањето на изложбата настапија и Андреј Петковски и Бојан Анакиевски.
Дел од изложените уметнички дела имаат продажен карактер.
Текст и фото: Дамијана Ристевска