Press "Enter" to skip to content

Деновиве пред 10 години: Цолев, Кочанковски и Божиновски зборуваа на комеморативна академија за Сугарев

-Многумина автори од Битола од различни генерации истражуваа, пишуваа и зборуваа за историски личности кои оставиле трага во колективната меморија на битолчани, а некаде во ова време пред 10 години, во 2012 година, тројца, слободно можам да кажам мои современици и пријатели, зборуваа за војводата Ѓорѓи Сугарев, започна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство и додава:

-Некои нивни трудови открија нови вистини, некои потврдија историски факти, а некои пак предизвикаа лавина на реакции кои уште долги години се потрдуваа, негираа, доработуваа. Но, делата кои ги создадоа тројцата, кои зборуваа за Ѓорѓи Сугарев, Ѓорѓи Цолев, Миле Кочанковски и Здравко Божиновски, имаат трајни вредности, а вредни трудови имаа и оние кои тогаш дојдоа да ги слушнат размислувањата на говорниците.

Така беше и на комеморативната академија која ја организира Македонското научно друштво од Битола и тогашниот претседател професорот Борис Ангелков, посветена на 106 годишнината од загинувањето на битолскиот војвода Ѓорѓи Сугарев, на неговиот живот и дело. Тројцата зборуваа за денот на загинувањето и се она што се случувало кај селото Паралово, и тоа дека Сугарев како битолски војвода, член на Организацијата останал верен на неа и Даме Груев и по Илинденското востание се додека не бил предаден и убиен.

-Но, морам да кажам дека сега во “новото“ време во кое живееме мене ми недостасуваат трибините, академиите, полемиките за некои луѓе, настани, случувања, иако сега со новите дигитализации на материјалите некои податоци на историчарите, професорите, академските граѓани им се поблиски, вели Миновски.

More from БитолаMore posts in Битола »