Во рамките на Еразмус + проектот „Напредни вештини во образованието на возрасни“, кој е одобрен од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, четворица претставници на здружението „ГРИН-ЛИСТ“-Битола, учествуваа на обука за усовршување на вештините и компетенциите на обучувачите и тренерите.
Целта на проектот „Напредни вештини во образованието на возрасни“ е да се зајакнат капацитетите на организациите, здруженијата и едукативните центри преку подобрување и развивање на вештините на тренерите и обучувачите кои понатаму ќе ги применуваат во креирањето и реализирањето на тренинзи и обуки за возрасни лица.За таа цел, претставниците на НВО „ГРИН-ЛИСТ“-Битола, од 11 до 15 април 2022 год. во Валенсија, Шпанија, учествуваа на обуката „Обучи го обучувачот“, организирана од интернационалниот центар SHIPCON LIMASSOL LIMITED, заедно со учесници од Белгија, Германија, Финска, Полска, Естонија, Словенија, Хрватска, Турција и Литванија. Учесниците од „ГРИН-ЛИСТ“:
М-р Ана Динковска-Божиновска (координатор на проектот), д-р Ана Ристевска, Силвана Ристевска и Елена Јадровска-Петков, се стекнаа со нови вештини кои ќе овозможат подобро планирање и развој на нови иновативни програми и методи во образованието на возрасни. Во следната фаза од проектот ќе бидат реализирани дисеминации од обуката за сите заинтересирани лица, организации и здруженија кои се активни на полето на образование на возрасни.