Press "Enter" to skip to content

Сојузот на средношколци од Битола апелира за солидарност со учениците преку брзо склучување на договор меѓу Владата и СОНК

Во име на Сојузот на средношколци, Викторија Брдаровска, млад амбасадор на Општина Битола од Сојуз на средношколци преку соопштение се огласи за актуелните состојби во образованието, предизвикани од штрајкот на СОНК, во кое се вели:

-Една од клучните заложби на Сојузот на средношколци е борбата за поквалитетно образование. Токму затоа ние бевме единствената организација во државата, која заедно со претставништвото на УНИЦЕФ, се залагавме континуирано за враќање на учениците во клупите било тоа преку комбинирана настава или настава со физичко присуство. Од тие причини, чувствуваме обврска и одговорност да се огласиме по сегашните случувања во образованието.

Уставот е дециден: тој ги гарантира и правото на штрајк и правото на образование. Членот 38 го гарантира правото на штрајк. Во членот 44 се вели: „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови“. Меѓутоа, се наоѓаме во ситуација во која остварувањето на едното право го оневзможуваостварувањето на другото. На нашата претходна прес-конференција, ние кажавме дека: „Треба да се поттикнува солидарноста меѓу сите учесници во образовниот процесбидејќи поквалитетен образовен систем е во интерес на сите“. Најголемата засегната страна во образованието ја трпи најголемата штета со тоа што е лишена од своето право на образование.

Изминативе две недели покажаа дека образовните власти во многу мал број од училиштата организираа вонредно одржување на наставата со цел продолжување на наставата непречено. Ова е особено проблематично за матурантите бидејќи кај многумина од нив има голема шанса да се пробијат државните рокови, кои пак негативно ќе им се одразат на амбициозните матуранти кои сакаат да студираат во странство.

За крај, Сојузот на средношколци од почетокот на своето постоење се залага образованието да биде посериозно сфатено во рамките на целото општество. Во тој поглед, ние многупати го истакнуваме фактот дека за 30 години се смениле дури 19 министри за образование и наука. Понатаму, наша клучна заложба е зголемување на буџетот за образованието како дел од бруто домашниот производ, т.е. да се одвојуваат 5% од БДП за образование согласно со европскиот просек. Зголемувањето на буџетот треба да оди во насока на подобрување на инфраструктурата, но и во поголема поддршка за кадарот.Професорите се ѕвездата водилка на нашите знаења!

Заклучно, го повторуваме нашиот апел за брзо решавање на прашањето меѓу Владата и СОНК преку интензивирање на преговорите за претстојниот период. Бараме Сојузот да биде вклучен во наоѓањето на решенија за надоместување на пропуштениот материјал.

 

More from ВестиMore posts in Вести »