Press "Enter" to skip to content

Денеска се слави Велика Сабота, ден на исчекување, денот меѓу смртта и воскресението

Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение. Денешниот ден, Велика Сабота, според христијанското учење е ден на свештен трепет пред Христовото воскресение, кое точно на полноќ ќе го означат биењето на камбаните и радосниот восклик “Христос воскресе“.

Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој.

Сите дни ги надминува Светата Четириесетница, од целата света Четириесетница, најголема е Страстната и Велика седмица, а од Страстната седмица најголема е Великата и Света Сабота. Не се нарекува велика седмица затоа што тие денови се поголеми или часовите подолги, туку заради великите и надприродни чудеса и дела на коишто нашиот Спасител ги изврши во неа, а најмногу во Великата Сабота. Како што во првото создавање на светот, откако го изврши секое дело, а најглавното последно – во шестиот ден го создаде човекот, во седмиот ден Он одмори од сите Свои дела и тој ден го освети нарекувајќи го сабота, што се толкува како „одмор“.

Јудејците, пак, по петокот, пристапија при Пилата и му рекоа: „Господине, помниме дека оној измамник рече, додека беше жив, дека по три дни ќе воскресне, затоа сметаме дека е добро твојата власт да им заповеда на војниците да го запечатат гробот.“ Кога рече Христос „ќе воскреснам“? Можно е ова Јудејците да го заклучија од историјата за Јона. Пилат им одговори: „Ако бил измамник, зошто се грижите за Неговите зборови? Тогаш значи е умрен.“ Безумните велеа: „Ако го осигураш гробот, нема да го украдат.“ Пилат им заповеда сами со војниците да одат и да го запечатат гробот со свој печат, а не со туѓи стражари и туѓ печат, за да не излаже некој за Воскресението Господово.

Православните верници денес ги прават последните подготовки пред вечерашното прославување на најголемиот христијански празник – Велигден.

Вечерва се оди во црква каде што секој носи црвено јајце. На полноќ сите присутни со песната „Христос воскресе” трипати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршат со јајцата и се омрсуваат. Празникот на Христовото воскресение Велигден е празник на љубовта и мирот. За христијаните, Велигден е триумф на животот над смртта и доброто над злото, ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите по неговата смрт со распнување, и ја докажал божествената моќ.

More from ВестиMore posts in Вести »