Press "Enter" to skip to content

Концертот на Тони Китановски Трио ја става Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот

Младински културен центар – Битола (официјален УНЕСКО младински клуб),  реализира континуирани активности во текот на целата година во насока на промовирање на човековото достоинство, охрабрување на дијалогот и разбирањето помеѓу културите и цивилизациите.

Оваа година МКЦ – Битола по осми пат се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот 30ти април со организирање на концерт на Тони Китановски Трио (Тони Китановски, гитара; Виктор Филиповски, тапани; Кирил Туфекчиевски, бас) во сабота, 30ти април 2022 година, во кафе бар Порта Џез во Битола со почеток во 12.30 часот. 

Тони Китановски е композитор кој свири гитара. Сметајќи дека како напреден инструменталист не му е во карактер да му биде кажано како да го свири својот инструмент, најдобар начин да ја усоврши гитарата е преку изучување на композиција. Благодарение на наградата Роберт Шер во форма на полна стипендија дипломира на престижниот Беркли колеџ. За време на студиите ја добива наградата Чарли Мингус за врвни музички достигнувања. Композиција изучува под менторство на Грег Хопкинс и Херб Померој, специјални студии по композиција и аражирање со Денис Грило (ученик на Пол Хиндемит), посетува семинари по композиција на Ѓорѓи Лигети и Лучијано Берио на Конзерваторијумот на Нова Англија и на Харвард. Покрај голем број композиции за џез состави автор е и на синфониски дела, музика за филм, театар, перформанс и современ танц. Професор е по џез гитара и композиција.

-На овој ден организатори на сите седум континенти, секоја година, по повод Меѓународниот ден на џезот презентираат неверојатен спектар на перформанси, едукативни програми и програми за информирање на заедницата. Овој концерт по осми пат ја става Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани. Настанот го реализираме со поддршка на Општина Битола и е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот кој вклучува настапи и концерти во преку 100 земји во светот. Овој ден ги сплотува нациите и општествата прославувајќи ја уметноста на џезот, потенцирајќи ја неговата важна улога во охрабрувањето на дијалогот меѓу културите и цивилизациите, промовирајќи го човековото достоинство, истакниваат од МКЦ Битола.