Press "Enter" to skip to content

Сојузот на борци од Битола одбележа 80 години од загинување на народниот херој Елпида Караманди и петмина партизани во Ореовска корија

Пред 80 години, на денешен ден, 3-ти Мај 1942 година, во близина на битолското село Ореово, во Ореовската корија, првиот Партизански народноослободителен одред Пелистер, имаше директен борбен судир со бугарската фашистичка војска и полиција.

По тој повод  претставници на ОО на Сојуз на борци-Битола, Сојуз на борци-Прилеп, Градоначалникот на Општина Битола – Тони Коњановски и Државен архив-Одделение-Битола положија цвеќе пред споменикот во село Ореово.

Одредот имаше борбен состав од 21 борец (16 од Битола и 5 од Прилеп) и е формиран на 22.04.1942 година во Лавчанската корија, каде што во наредните денови борците се обучуваа и припремаа за борба и ракување со оружјето. По предавството што беше извршено, одредот беше лоциран од страна на бугарската фашистичка војска и полиција.На 1 мај во обид да воспостават врска со битолски илегалец, над селото Лавци, Ѓорѓи Наумов, Никола Ѓеоргиев-Никлецо и Стево Трајковски-Тефико, паѓаат во заседа и се фатени. При тоа се слушнаа викотници и истрели заради што останатите борци се извлекоа од местото и се упатија кон Ореовска корија.

На 3 мај во жестоката борба, со околу 2.000 фашистички војници и полицајци, загинаа; Народниот херој Елпида Караманди, која тешко ранета, беше свирепо убиена, Димитар Николовски- Таки Дакало, Димче Хаџи Поповски, Мара Јосифовска- Ѓурѓа, Ордан Михајловски-Оцката и Јоска Ордановски- Сандански. Ѓорѓи Наумов и Блаже Димитровски- Рогозинаро беа осудени на смрт и обесени во Скопскиот затвор.

Бугарскиот непријател имаше 30-тина мртви. Останатите преживеани борци се спасија и продолжија илегално да дејствуваат. Овај одред беше светла искра во НОАВМ во битолско. Набрзо во јули 1942 год се формира вториот одред Дамјан Груев.

Сојуз на борци-Битола

More from ВестиMore posts in Вести »