Press "Enter" to skip to content

 Потпишани договорите и стартува реализацијата на 10 нови прекугранични проекти со Грција (фотогалерија)

Денеска во Офицерскиот дом во Битола, во кој не се случи настанот случајно, бидејќи и овој објект е реконтруиран со пари од Европските фондови, беа потпишани договорите за кофинансирање на 10 од вкупно 22 проекти во рамките на вториот јавен повик од Програмата за прекугранична соработка во вкупна вредност од 7,6 милиони евра.Во вториот јавен повик проектите се однесуваат на три приоритетни области како што се развој на локалната економија, превенција и заштита од природни катастрофи и заштита на природното и на културното наследство.
-Најголемиот број од проектите се за поддршка на локалниот економски развој преку искористување на природните и на културните вредности во регионот. Преку искористување на сопствените предности во областа на туризмот, се отвораат нови работни места и се поддржуваат малите бизниси преку промоција и продажба на домашните производи. Првите 10 проекти ќе се имплементираат овде во Битола, во Неготино, во Конче, во Струмица, во Градско, во целиот пограничен регион. Министерството за локална самоуправа како координатор на ИПА Програмата за прекугранична соработка е ваш партнер преку обезбедувањето на неопходните 15 проценти што ги побарува Европската Унија, додаде министерот за локална самоуправа.
Милевски истакна дека како одговор на потребите на населението, има проекти кои што обезбедуваат превенција и заштита од природни катастрофи, пожари и поплави, развој на системите за брзо известување и намалување на ризиците. Министерството за локална самоуправа целосно ја дигитализираше постапката за спроведување на Програмата за прекугранична соработка со Грција со што се обезбедува транспарентст и отчетност во трошењето на јавните средства како и поголема ефикасност што е во интерес и на Министерството и на корисниците на средствата.Во вториот програмски период преку ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција се одобрени 62 проекти од кои повеќето, од првиот повик се веќе имплементирани.Директорот на Националниот парк “Пелистер“, Осман Шукриу, за двата проекти кои ги доби оваа установа рече:-Чест и задоволство ми е што учествувам на потпишувањето на договорите за два многу значајни проекти за нашиот регион, за Битола и за Преспа. Првиот проект е “Превент“ во кој учествува и националниот парк “Пелистер“, за противпожарни активности и поставување на метеоролошка станица. Минатата година немаше нити еден пожар во националниот парк, а тоа се должи на одговорното оденесување на сите вработени и секако и граѓаните. Со новиот проект во вредност од 105 илјади евра, се обезбедува техничка опрема, возила и против пожарна опрема, а за вториот проект рече:-Со вториот проект “Адвентур“, во близина на Инфо-центарот ќе се гради адреналиснки парк за деца и возрасни, а ќе биде многу атрактивен за сите битолчани и другите гости во националниот парк, а вредноста е околу 200 илјади евра.Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски пред потпишувањето на договорот го образложи проектот пред присутните и рече:-УКЛО активни учествува во сите погранични програми и на некој начин го надокнадуваме недостатокот на средства за истражување и имплементација, преку финансирање од меѓународни програми. Во изминатиот повик имавме 10 проекти, а во овој еден проект, за заштита и превенција од компексни поплави и пожари. УКЛО со повеќе партнери учествува во целиот проект, но важно е дека ќе се набави опрема и програми во вредност од стотина илјади евра, не само за заштита туку и за предвидување на можностите од појава. Ќе биде инсталирана и капсула каде преку визуелна реалност ќе се врши обука на спречување на природни непогоди. УКЛО нема да бара надворешни кадри, туку 45 професори ќе работат на овој проект.По еден проект добија и Пелагониско-планскиот регион и здружението кое работи со инвалидирзирани лица “Мобилност“ од Битола. Пелагонискиот плански регион го потпиша договорот за кофинансирање на проектот: “Превенција и управување со прекугранични комплексни поплави и шумски пожари-СОЛВЕ“  кој претставува продолжување на активностите и заложбите на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион за зајакнување на системот за заштита од природни непогоди на Пелагонискиот регион. Главната цел е да се минимизираат ризиците од шумски пожари (урбани и диви) и поплави во регионот на Лерин и Пелагонискиот регион на начин на кој што може да се реплицира и во други региони.На потпишувањето зборуваше и заменик министерот Зоран Димитриевски кој нагласи:-Убаво е да се чујат сите планови и проекти кои ќе се реализираат во наредниот период, бидејќи се од области кои се од туризмот, авантуристички паркови, заштита на културата, заштита од кризи, образование, наука… Се надевам дека ќе имаме успешни проекти, и ви посакувам навреме да ги завршите и да делувате на развој на регионот и со тоа да ја развиеме меѓуграничната соработка.

Текст и фото: С.Ристевски