Press "Enter" to skip to content

Отворен 23. по ред Фестивал на монодрамата во Битола (фотогалерија)

На големата сцена “Благој Стефановски – Баге“ на Народниот театар во Битола, вечерва свечено беше отворен фестивалот на монодрамата, 23. по ред, кој го организира Центарот за култура од Битола, со гостувањето на МНТ и праизведбата на комуникациската современа музичка драма “Само глас“ од младата авторка Нина Плавањац. На отворањето на ова 23. издание на монодрамата, Маја Андоновска – Илијевски, директор на Центарот за култура рече:-Помеѓу јавето и сонот, спокојот и неспокојот, животот и театарот, минатото и иднината, љубовта и омразата, светлината и мракот, атарото и новото, нормалното и “ненормалното”… она помеѓу каде што сме заглавени, ни угоре ни удолу, а сепак таму, помеѓу, повторно силно свети театарската душа како рефлектор на актерската емоција, таму помеѓу повторно се раѓа магијата на театарот… Интернационалниот фестивал оваа година ќе говори гласно со мотото “Помеѓу“  и по 23 пат ќе сведочи силно за едно време, во кое актерот создаваше, твореше, креираше, додека светот стоеше и тонеше во мрачна реалност… Нашите врати се отворени да ги дочекаат актерите од цел свет, а Битола уште еднаш да докаже дека е лулка на културата, крстосница и патоказ од каде што тргнуваат и се враќаат, каде што се вкрстуваат уметностите….На крајот на обраќањето го поздрави присутвото на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Интернационалниот фестивал за отворен го прогласи министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, која рече:-Добредојдовте во мојот роден град, во мојата Битола. Градот на конзулите, бил и ќе биде достоен домаќин на бројни културни настани, како и на Интернационалниот фестивал на монодрамата. Во овие седум фестивалски денови ќе биде задоволство да проследиме монодрамски претстави на актери од 11 земји и да им го подариме нашето достојно внимание. Во претходниот период доживеавме многу монодрами во пандемичниот живот на дистанца. И да не излезе дека сега јас имам монодрама, ви пожелувам убави фестивалски денови исполнети со многу аплаузи.По свеченото отворање на фестивалот се одигра и првата монодрама, претставата “Само глас“ во режија на Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото. Во улогите на Таа и Тој играа првенците од ансамблот на Македонскиот народен театар, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Мирослав Митрашиновиќ. 

Ж.Р.