Во моментот акумулацијата “Стрежево“ со која стопанисува јавното претпријатие “Стрежево” – Битола располага со околу 90 милиони метри кубни вода и целосно подготвени ја започнуваме новата сезона за наводнување.
Со зголемувањето на температурите во изминатиот период и зголемувањето на потребите за вода од страна на земјоделците се започна со наводнување на земјоделските култури во Пелагонија.
-Главниот канал и главните цевководи се подготвени за наводнување, како и акумулацијата “Стрежево“ во подрачјето на дејствување е подготвена за навремено и квалитетно наводнување на земјоделските површини и се очекува успешна наводнителна сезона. Исто така ги имаме неопходните количини на вода за непрекинато, квантитативно покривање на потребите за водоснабдување на индивидуалните земјоделци, РЕК “Битола”, ЗК “Пелагонија” и локалните индустриски капацитети, вели директорот на “Стрежево“, Менде Граматковски.
Имајќи во предвид дека станува збор за сушен период проследен со високи и натпросечни температури за овој период од годината, јавното претпријатие “Стрежево“ – Битола апелира на рационално и внимателно користење на водата.
“Стрежево“ успешно ќе се соочи со сите водостопански предизвици оваа сезона и ќе ја унапреди ефикасноста и одржливоста на постоечкиот модел со единствена цел-подигнување на степенот на степенот на задоволување на потребите на водокорисниците.