Методија Илиевски, координатор на советничка група на СДСМ и коалиција во Советот на Општина Битола, денес ред СВР Битола одржа прес конференција на која рече дека се сомневаат во упад во службените компјутери од страна на ВМРО – ДПМНЕ, при што рече:
-Локалната власт во Битола предводена од ВМРО – ДПМНЕ и градоначалникот го сруши интегритетот на Советот на Општина Битола. Постојат индиции за основано сомнение за извршен упад во службените компјутери на неколку советници од СДСМ и коалицијата. Погазена е приватноста на советниците, загрозена е нивната работа како народни избраници и уништена е назависноста на Советот на општината како институција.
Советничката група на СДСМ и коалицијата поднесува пријава во Основното јавно обвинителство и во Министерството за внатрешни работи против Н.Н. лица поради постоење индиции за основано сомнение за извршен упад во службени компјутери кои советниците ги добија од општината!
Очекуваме за многу брзо да се откријат сите детали од оваа афера која потврдува дека кај ВМРО – ДПМНЕ ништо не се променило. Оваа партија кога и да е на власт ги користи методите на работа од времето на Никола Груевски. Шпионирање, прислушување, шиканирање на политичкиот противник било и очигледно сеуште е начинот на кој работи ВМРО – ДПМНЕ. Градоначалникот на Општина Битола, неговиот заменик и претседателката на Советот веднаш да понесат одговорност и да соработуваат со сите надлежни институции со цел да се открие нарачателот и извршителот. Само така ќе овозможат истрагата да ги открие налогодавачите и извршителите на ова тешко кривично дело.