Тактилните изложби „Допирот на уметноста“ на НУ Завод и музеј Битола, го завршија гостувањето во Словенија и Хрватска каде беа поставени минатите две години, пропратени со онлајн обуки и вебинари.
Како што е објавено на музејската веб страна, експертите од Битола учеа од најдобрите и воедно го споделија своето искуство со меѓународно признати експерти и релевантни институции, во однос на проектите за лицата со попреченост.
Цел на овие гостувања е и промоција на нашето богато културно наследство преку тактилните изложби и работилници во регионот, со став дека музеите се за сите.
Гостувањето со тактилни изложби во Хрватска и Словенија беше заокружено со работилници во Марибор и Загреб, во насока на одбележувањена 18ти мај, Меѓународниот ден на музеите.
НУ Завод и музеј Битола, изразува благодарност до домаќините, Директорот Александра Берберин Слана и колегите од Музеј на ослободувањето во Марибор, Претседателот и членовите на Асоцијација на слепи и слабовиди од Марибор, вработените од Библиотеката од Марибор и Драгана Лујиќ, Музеј за еден посетител-Трафика, Музеј на фотографија, Уметничка галерија во Марибор, Музејскиот центар за документација во Загреб и Ива Валиџија, Центар за воспитување и образование „Винко Бек“ и Тања Парлов, како и колегите од Тифлолошки музеј и нашата долгогодишна соработничка и консултант м-р Жељка Сушиќ од Загреб.
М-р Јове Парговски автор на концепт и тактилни слики и д-р Ирена Ружин – раководител на проект
Проектот е поддржан од Министерство за култура.
извор: www.muzejbitola.mk