Press "Enter" to skip to content

Разговори низ паркот: Ламбе Алабаковски поп пејач, македонската музика е вистинско богатсво, забавна, народна, духовна… македонските шлагери  се вистински симфонии и арии

Жанета Ристевска

Со убавото време повторно во градскиот парк, совршено место за опуштен разговор со нови соговорници од нашиот град  Битола. Тие  ќе откриваат за себе  интересни настани, детали од животот низ т.н. “Walk and Talk“. Овој пат Ламбе Алабаковски коj неодамна се врати од САД каде живееше одреден период, а замина кога беше на врвот од својата слава. Разговараме и правиме фотосесија, група тинејџери го препознаваат и се фотографираат со него.-Кога се вратив од Америка мислев дека ќе бидам анонимен, дека ме заборавиле, искрено вели Ламбе. Има голем интерес за мои настапи, на кои се уште ја има онаа еуфорија, пеат сите, ги знаат од збор со збор сите мои хитови. Мислев дека ме заборавиле, ми изгледаше долг период од 7 години колку не бев тука. Овие девојчиња тогаш имаа 8,9 години. Во туѓа земја можеш да имаш се, но душата е празна, да живееш во своја земја и да фали нешто, душата е полна. Тоа е  тажната приказна на сите оние кои заминуваат од својата земја. Овде сум свој на своето, се чувствувам како  и да не сум заминал. Тоа е мое мислење и така се чувствувам. Еве продолжив со настапи низ локали, дискотеки како и да немало прекин. Со групата “Марифет“ настапуваме во Битола и имаме закажани настапи низ цела Македонија. Наскоро ќе излези мојот нов проект “Чекор до брегот“  кој ќе има промоција на 10 јуни. Оваа песна е наменета за сите мои обожаватели, вели Ламбе Алабаковски.

Така започнавме низ паркот спонтан  разговор за неговите почетоци, учество за избор на М2 звездите, кариерата пред заминување во САД, враќање тука и за идните планови. Ламбе Алабаковски својата кариера ја започна со свои 15 години, на 17 години  беше една од звездите на М2 продукција. Од тогаш започна неговиот брз успех и звезда преку ноќ. Многу песни, хитови, настапи на фестивали, концерти и патувања во странство.Започна за своето семејство со музичка традиција…

-Пораснав во Љубојно, за мене најубавото село во Преспа, опкружено со прекрасна природа и со богато културно уметничко наследство. Потекнувам од музичко семејство. Моите дедо и баба Ламбро и Менка Алабаковски беа оние кои ги започнаа „Илинденските иселенички средби“ во Љубојно Преспа пред 70 години. Настапуваа таму, но и во Битола на Илинденски деноиви, имаа нстапи во Белград со традиционалната македонска музика. Ја негуваа нашата стара традиција на македонска музика цели 50 години. Мојот татко Лазар Алабаковски исто така животот го посвети на музиката. Неколку години настапуваше во хорот  на операта при МОБ. После 8 години се враќа во Битола и работи какао наставник по музичко образование, од каде и заминува во пензија.За себе…

-Растев со музика и пројавив интерес и желба некаде на 6 години. Најпрво со настапи на патронати во училиштето „Димитар Влахов“ во Љубојно каде учев основно образование. Потоа продолжив во средното музичко училиште во Битола, во класата на професорите  Офелија и Пеце Митревски. Тие се заслужни за успехот на многу млади музички таленти кои излегоа од нивната класа и школа Орфеј –  Тоше Проевски, Игор Дурловски, Маријан Стојановски и други. Тие го создадоа и  фестивалот за млади музички таленти „Орфеј“ на кој голем број млади таленти настапуваа, со стари хитови и ново создадени македонски песни. 

Прв настап на фестивалот на забавна музика и тинејџери – Орфеј со свои 15 години

-Благодарение на Офелија и Пеце Митревски професори по соло пеење, својот прв настап го имав на свои 15 години на фестивалот “Орфеј“.  Потоа се редеа други настапи во Офицерски дом, Дом на култура Битола,  ракометно игралиште, со “Орфеј“, но и концерти од  средното музичко училиште.Учество на избор на М2 продукција  „Потрага по звездите“ 

-Со М2 звездите мојот живот се промени преку ноќ. Од 6000 кандидати влегов во 12 финалисти и го го освоив првото место.  Животот ми се смени преку нок. Првите настапи ми беа со песните “Спаси ме“ и “Каде песно моја“ на Славе Димтров. Така тргна се. Се преселив во Скопје заради обврските и животот ми се смени целосно. Се најдов преку ноќ со целата елита на македонската естрада. Менаџерот Иво Јанковски ми рече “Направивме голем чекор, но сега тој расчекор кој го направивме  мора да се дополни со работа и докажување“. Имаше големи очекувања од мене. Не сакав да разочарам. Следеше успешен период од 10 години со снимања на песни, албуми, настапи по дискотеки, низ градови во Македонија. Учество на фестивали  на Скопје Фест, Мак Фест, Будва Фест, Сунчане скале, Радијски фестивал во Белград. Следуваа и гостувања низ Балканот, потоа во Шведска и две турнеи во Австралија. Снимив албуми во 2007 „Море оид солзи“ и потоа во 2009 година. Со песната „Море од солзи“ настапуваав на „Избор на песна на Евровизија“ во Македонија, тогаш победи „Ни На Најна“ и Елена Ристевска. Многу хитови, кои останаа и до ден денес се пеат. Сега кога се вратив имав неколку настапи во градови низ Македонија, и скоро сите песни се пеат од збор до збор. Искрено многу ме изненади тоа, но и израдува.Заминување во Детроит САД…

-Последен јавен настап ми беше на Скопскиот фестивал со песната „Ќе те чекам јас“ со која и победив, потоа заминав за Америка. Најпрво само за да средиме документи, да видам каков е  животот таму, но некако се случи да останам подолг период и тоа 7 години. Ново искуство, нови пријатели, нов начин на живот. На почетокот  имав  2,3  настапи меѓу нашите иселеници кои живеат во Детроит каде живеев. Потоа се занимавав со работа која нема врска со музика. Тука го запознав животот  на нормалниот свет, настрана од естрадата во кој живеев од својата 15 година. Емотивен и носталгичен по природа, ќе кажам дека во туѓа земја  можеш да постигнеш и да имаш  се во смисла на материјално, но во душата се чувствуваш празен.Враќање во Македонија…

Еве тука сум 3 месеци и планирам, односно би сакам да живеам во Битола, а само за обврските околу снимања да патувам во Скопје. Овие месеци ми беа исполнети, повторно со настапи во живо, гостувања во емисии. По повод Велигденските празници со мојата прерабортка на антологиската  песна „На Велигден сум се заљубил“ од Џокси, гостуваав во емисијата Мерак Меана и други емисии на повеќе  телевизии каде имав и интервјуа. Периодов работев и на нов проект, песната  „Чекор до брегот“ која  со својот ритам потсетува на лето. Повторно ќе кажам овде сум свој на своето. Овие денови се занимавам со мојата градина и одгледување на зеленчук. Тоа ме прави среќен, растен сум во Љубојно опкружен со овошја, јаболка и сите други култури кои се одгледуваат во тој крај, кој ми е во душата. Многу ме опушта и готвењето. Имаам мерак и  сакам да влезам во кујна и да зготвам некое јадење со љубов.За македонската  музика

-Ја сакам македонската музика со богатсвото на ритам забавна, поп, народна, изворна, духовна музика. Македонските шлагери од порано за мене  се вистински симфонии и во однос на музика и текст. Тоа е таа забавна музика на Бранѓолица, Славе Димитров  шлагерска со поетски зборови. Во иднина сакам да направам албум со преработки на македонски шлагери. Имам идеја за понова верзија на хитот „Летај, ми летај гулабе“ од Калица во изведба на Крунослав Кичо Слабинац заедно со  Димитрар Андоновски. Би сакал и да снимам и  албум со изворни македонски песни, бидејќи дел од нив пеам и на моите настапи. Имам снимено албум и со духовна музика.  Химната за золошката градина „Место за нас“ која ја снимив со детскиот хор Ѕвончиња“ повторно ќе биде промовирана на настан во битолската золошка градина. Мое мислење е дека македонската музика не е доволно или правилно експонирана и комерцијализирана. Имаме многу квалитетна музика и пејачи. Но со напливот на турбо фолкот со ритмови и звуци од секаде, македонската музика како да се изгуби.Се родил со звезда, официјално станал тинејџерска звезда на М2,  се уште е звезда на македонското музичко небо. Скромен, искрен, позитивен, секогаш со насмевка. Неговата позитина енергија и љубов се чувствува низ неговите песни кои шират оптимизам. Покрај  неговиот извонреден  глас, значајни за неговите успеси. Уште многу хитови не очекуваат од Ламбе Алабаковски кои ќе ги пееме, ќе сонуваме и ќе се чувствуваме убаво.

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »