За секој човек детството е оној период од животот кој буди најубави и најнежни спомени, кои му го топлат срцето. Но, постојат и деца чие што детство е сурово прекинато поради недостиг на родителска грижа. Најголем извор на страдање, кој претставува траума е губењето на родителскиот дом. На децата кои ја изгубиле родителската грижа, не им е доволно само да им се обезбеди покрив над главата. Ним им е потребно семејство, кое што ќе ги сака, каде што ќе се чувствуваат дека припаѓаат и кое ќе му помогне да се свртат кон иднината. Да доведеш во семејството дете кое ја изгубило родителската грижа, да му дадеш свој дом и да го прифатиш како свое, претставува висока човечка доблест, која значи хуманост, солидарност, почитување и разбирање на потребите на другите.
Во 2017 г. започна еден важен процес во нашата држава наречен деинституционализација. Овој процес се наметна како потреба и тргнува првенствено од правата на децата да бидат заштитени од злоупотреба, од запоставување и експлоатација, од потребата на нивно безбедно домување, правото на здравство и образование , воспоставување на сигурни врски кои ќе траат цел живот, право да биде уникатни личности, како и давањето на можност да бидат еднакви со сите други деца.
За таа цел се донесе одлука да се трансформираат сите големи институции кои згрижуваат деца и да се обезбедат услуги кои ќе дадат посоодветна грижа , внимание и нега на децата,со што ќе се овозможи нивен правилен раст и развој. И бидејќи тие големи институции имаа простор да згрижат многу деца, уште тогаш се наметна потребата да се работи систематски и континуирано на развој на мрежата на згрижувачки семејства. Згрижувачко семејство претставува услуга, дефинирана во закон за социјална заштита, која обезбедува основна заштита односно: сместување, згрижување, исхрана, облека, здравствена заштита и друго во зависност од видот на корисниците, кои немаат услови за живеење во своето семејство или од други причини им е потребна вон-семејна заштита.
Услугата на згрижување постоела многу порано од 2017 година , но денес веќе е унапредена и на повисоко ниво, што значи дека на згрижувачите им е обезбедена и стручна помош и поддршка од страна на Центрите за поддршка на згрижувачки семејства кои во соработка со Центрите за социјална работа го организираат целиот процес од прием на дете, текот на неговото сместување и секако напуштањето на грижата.
На згрижувачите им следува и соодветен надомест за грижата.
Во државава има вкупно околу 350 згрижувачки семејства со над 500 корисници. Но, сепак постои потреба од зголемување на нивниот број, заради зголемените ризици во примарните семејства, но и поради фактот дека некои од постоечките згрижувачи се во поодминати години.
И тука доаѓа кампањата за промоција на згрижувањето која има за цел да ја подигне свеста кај населението за згрижувањето, да обезбеди пристап до информации на заинтересирани граѓани за процесот како да станат згрижувачи, и да се вклучат во процес на обука која ќе им овозможи да донесат одлука дали се подготвени да го отворат својот дом за згрижување на дете.
Со цел промовирање на згрижувањето и зголемување на бројот на згрижувачки семејства се започнува национална кампања која е организирана во рамките на проект кој го води СОС Детско село,а со поддршка на МТСП. Проектот е наречен Право на семејство – “Унапредување на системски недостатоци – Поддршка на реформите во системот за заштита на деца”.
Во проектот се вклучени сите чинители кои имаат задача да го промовираат згрижувањето, односно Центрите за поддршка на згрижувачки семејства првенствено. Во државава има 3 вакви центри и тоа Центар за поддршка на згрижувачки семејства Скопје, Центар кој функционира во рамките на СОС Детско село и Центар за поддршка на згрижувачки семејства во Битола, на кои им се доделени надлежности по плански региони.
Кампањата започна со голем настан на 1ви јуни во главниот град, а утре на 24 јуни на плоштадот Магнолија се одржи и во Битола. Во организација на настаните, освен СОС Детското село и Центрите за поддршка на згрижувачки семејства, се вклучени и Центрите за социјална работа, секако МТСП и ЗСД, но и локалните заедници кои даваат силна поддршка во реализација на настаните.
Затоа на 24 јуни во 18,30 да бидеме на плоштад “Магнолија“, да ја поддржеме и ние оваа кампања , да се информираме, да им подадеме рака на децата на кои нашата помош им е потребна за да им го промениме нивниот живот !
На секое дете му е потребно семејство и топол дом !